Хан ја пофали ВМРО-ДПМНЕ како конструктивна
Политичката стабилност на Северна Македонија е најдобра во регионот, а уште еден доказ за тоа беа успешно спроведените претседателски избори, истакна еврокомесарот Јоханес Хан на отворањето на Виенскиот економски форум. Тој ги охрабри компаниите од Австрија да инвестираат во нашата земја бидејќи тоа значи поголем профит за земјата и отворање на нови работни места. Адресирајќи го напредокот во сите сфери, еврокомесарот Хан го изрази своето очекување земјата да добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија и до крајот на оваа година да бидат отворени и првите поглавја.
– Почнавме преговори со Србија и Црна Гора и моментално тие земји формално се најнапредни на овој пат, но тоа не ја исклучува можноста Северна Македонија да успее да го надомести заостанувањето, бидејќи е единствена земја која нема ниту еден билатерален спор со соседите. Во стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан јасно рековме дека прифаќаме нови членки само ако немаат билатерални конфликти. Не сме подготвени да увезуваме конфликти – порача Хан.
Тој оцени дека во Северна Македонија постои и политичка стабилност посочувајќи ја подготвеноста на опозицијата на дијалог во Собранието, што би сакал да го види и во другите земји од регионот.
– Во споредба со другите, ситуацијата во Северна Македонија е подобра бидејќи таму опозицијата се однесува како вистинска опозиција, конструктивна е и учествува во парламентот во политичкиот живот, на начин каков што се очекува во една зрела демократија. Последните претседателски избори докажаа дека е можно заеднички да се напредува – објасни еврокомесарот.
Тој порача дека таквиот напредок дал резултати и дека поради тоа ѝ претстои пристапување на Северна Македонија во НАТО, што би требало да се случи до идната година. Сепак, како поважна од НАТО, Хан ја истакна европската перспектива, изразувајќи надеж дека ќе успее да ги увери скептиците меѓу членките на Унијата да ги отворат преговорите со Скопје што побрзо. Тој изрази уверување дека тоа ќе се случи уште пред летото, при што првите поглавја би биле отворени веќе до крајот на годината
Како најголем предизвик во регионот, еврокомесарот го посочи одливот на мозоци. Оцени дека тоа треба и може да се спречи преку зајакнување на економијата, создавање на работни места и поголеми перспективи. Тој истакна и дека најголем инвеститори во регионов, иако сите говорат за Кина и Русија, сепак, по бројот на компании, се ЕУ и Австрија.
Инаку, ЕК извештајот за напредокот на Македонија ќе го објави следната недела и за евроамбасадорот Самуел Жбогар нема дилема дека ќе препорача отворање на преговарачкиот процес, но крајниот збор ќе го имаат земјите членки. Поради изборите во ЕУ состанокот на Европскиот совет, каде што ќе се носи одлуката, најверојатно ќе биде одложен за крајот на јуни или почеток на јули.