Хезболах потврди дека водачот е мртов, но ја продолжуваат војната против Израел


Либанската група Хезболах денеска потврди дека нејзиниот лидер и еден од основачите Сајед Хасан Насралах е убиен во израелски воздушен напад и најави дека ќе продолжи да се бори против Израел.

Во соопштението се наведува дека Насрала „се приклучил на своите маченички браќа“, пренесува АП. Во соопштението, Хезболах вети дека „ќе ја продолжи светата војна против непријателот и ќе ја поддржи Палестина“.

Откако Хезболах ја потврди смртта на Насрала, либанската телевизија Ал-Манар почна да емитува стихови од Куранот, пренесува Ројтерс.

Израелските одбранбени сили претходно денеска објавија дека лидерот на Хезболах Хасан Насрала е убиен во вчерашниот напад врз командниот центар на движењето во јужните предградија на Бејрут.

Генералниот секретар на милитантното либанско движење Хезболах, Хасан Насрала, многумина го сметаа за најмоќниот поединец во Либан, кој имаше на располагање 100.000 борци. Тој беше секретар на Хезболах од 1992 година.