Хамас: Абас го одобри одржувањето избори во Палестина
Политичкиот водач на Хамас, Исмаил Ханије изјави дека палестинскиот претседател Махмуд Абас веќе го одобрил одржувањето парламентарни и претседателски избори во Палестина.
Претседателот на палестинската Централна изборна комисија, Хана Насер вчера во Газа се сретна со водачите на Хамас, палестинското движење за отпор.
По состанокот, Ханије изјави дека делегацијата на Комисијата објавила дека палестинскиот претседател Абас го одобрил одржувањето на изборите во Палестина, јави новинската агенција „Анадолија“.
Тој појасни дека парламентарните и претседателските избори ќе се одржат во Газа и окупираниот Западен Брег, вклучувајќи го и Ерусалим.
Од Хамас порачаа дека ќе соработуваат со Централната изборна комисија во процесот на подготовка на изборите.
Насер рече дека нема проблеми во изборните подготовки и дека сите евентуални проблеми можат да се надминат со дијалог на засегнатите страни.
Палестинскиот претседател на почетокот од минатиот месец најави дека во Палестина ќе се одржат прво парламентарни, а неколку месеци подоцна и претседателски избори.
Последните избори во Палестина се одржани во 2006 година, а Уставот на таа земја предвидува нивно одржување на секои четири години.