Халкбанк одложи рати за кредити на компаниите во вредност од 30 милиони евра
Над 600 компании клиенти на Халкбанк, со над 9.600 вработени и со кредитна изложеност во банката во висина од 140 милиони евра, ја прифатија понудата за одложено плаќање на тековните кредитни обврски за период до 6 месеци и пролонгирање на доспевањата на краткорочните кредити, во зависност од индивидуалната потреба на компаниите засегнати од кризата, соопштија од Халкбанк.
Според нив ова индиректно значи поддршка на стопанството во одложување на плаќањата на фирмите по основ на кредитни задолженија во износ од околу 30 милиони евра.
-Во рамки на компаниите кои ги искористија мерките, најголем дел припаѓаат на малите и средните претпријатија кои беа и најзасегнати со оваа ситуација. Па така, 354 мали компании кои во банката имаат кредитна изложеност во висина од над 43 милиони евра и 198 микро компании со кредити во висина од 10,7 милиони евра ја имаат прифатено понудата на Халкбанк. Позитивно одговорија и 38 средни компании со изложеност од 33,9 милиони евра, како и 18 големи фирми кои имаат и најголема кредитна изложеност од околу 51,7 милиони евра, стои во соопштението.