Хали Бери во жири во Кан: Во последен момент ја сменив тоалетата


Кан– Оскаровката Хали Бери откри за време на прес-конференцијата на жирито во Кан дека морала да направи промена во последен момент на тоалетата поради новите правила што фестивалот ги објави за своите ѕвездени црвени килими. Непосредно пред почетокот на фестивалот во 2025 година, организаторите во Кан објавија дека настанот ќе забрани голотија и „волуминозна“ облека. Фустаните со долги шлепови и други атрибути што би можеле да го закочат килимот, исто така, повеќе не се дозволени.

„Имав неверојатен фустан од Гупта што не можам да го носам вечерва затоа што има долг шлеп“, рече Бери во врска со нејзиниот изглед за вечервашното гала отварање. „Нема да ги прекршам правилата. Делот со голотијата е веројатно добро правило.“

Оскаровката во дводелен костим на Александар Вотие за време на фотосесиите во Кан

Кан издаде соопштение во понеделник, 12 мај, во кое ги детализираше своите нови правила за црвениот тепих. Фестивалот рече дека промените на црвениот тепих се во согласност со „институционалната рамка“ на Филмскиот фестивал во Кан и францускиот закон.

„Оваа година, Канскиот филмски фестивал експлицитно стави до знаење во својата повелба одредени правила кои долго време се на сила. Целта не е да се регулира облеката сама по себе, туку да се забрани целосна голотија на црвениот тепих, во согласност со институционалната рамка на настанот и францускиот закон“, се вели во новите упатства од фестивалот.

Кан додаде дека „го задржува правото да им забрани пристап на лица чија облека би можела да го попречи движењето на другите гости или да ги комплицира распоредите за седење во проекциските сали“.

Бери е член на жирито во натпреварувачкиот дел  заедно со добитникот на наградата Еми за „Сукцесија“ Џереми Стронг, режисерот на „Сè што замислуваме како светлина“ Пајал Кападија, јужнокорејскиот режисер Хонг Сангсу, италијанската актерка Алба Рорвахер, француско-мароканската писателка Лејла Слимани, конгоанскиот документарист Диедо Хамади и мексиканскиот режисер Карлос Рејгадас. Француската актерка Жулиет Бинош е претседател на жирито.