Хакерските напади годинава ја чинеле Русија скоро 50 милијарди долари
Русија – Кибернападите оваа година ги чинеа руските компании и граѓани до 3.600 милијарди рубљи (49 милијарди долари), соопшти најголемата кредитна банка на Русија, Сбербанк.
Во обид да се избори со сивата економија, Русија ги охрабри граѓаните да преминат на банкарски картички и да ја ограничат употребата на готовина, но бројот на прекршоци поврзани со банкарски картички се зголеми за четири пати, проценува Министерството за внатрешни работи.
Станислав Кузњецов, заменик претседател на Сбербанк, задолжен за надзор над безбедноста и услуги, рече дека главните цели на кибернападите се приватните компании и граѓаните, бидејќи државните безбедносни служби се подобро заштитени.
– Приватниот сектор е најранлив, сè беше цел – од сметки на клиенти до финансиски податоци и тендерски документи. На „дарк веб“ постојат околу 2,3 милиони сметки на руски јазик кои нудат украдени податоци, рече тој.
Кибер криминалци кои зборуваат руски работат од Германија, Украина и Венецуела, како и од самата Русија, соопшти Сбербанк. Оваа државна банка има свој оддел за компјутерска безбедност БИ. ЗОНА, кој обезбедува услуги за ИТ заштита и одбрана од кибернапади на банки и клиенти.
Банките, вклучително и Сбербанк, се подобро заштитени од другите делови на економијата, но има се повеќе телефонски измами во кои едно лице се претставува како вработен во банка преку телефон и бара од клиентот да обезбеди информации за картичката, рече Кузњецов.
Според негови процени, руските граѓани само оваа година може да изгубат дури 10 милијарди рубљи во телефонски измами. Тој не даде податоци за 2019 година.
Руската централна банка минатата година регистрирала повеќе од половина милион неовластени операции на банкарски сметки во Русија, во кои биле украдени 6,4 милијарди рубљи од приватни и корпоративни банкарски сметки.