Гутереш: Да се преземат неопходните мерки во борбата против сите облици на екстремизам


Австрија– Генералниот секретар на Обединетите Нации (ОН) Антонио Гутереш изјави дека треба да се преземат сите неопходни мерки во борбата против сите облици на екстремизам, потсетувајќи на неодамнешните напади врз џамиите на Нов Зеланд и нападите врз црквите во Шри Ланка и синагогата во Калифорнија.

– Мораме да бидеме почувствителни на сите облици на екстремизам, за да не се соочиме со страшното лице на насилниот екстремизам, рече Гутереш во говор во Виена по повод 40-годишнината од канцеларијата на ОН во тој град.

Тој истакна дека Обединетите нации 75 години работат за зачувување на мирот во светот и за спречување на насилство, но сé уште не ги постигнале очекуваните резултати.

Гутереш нагласи дека, покрај тероризмот и насилството, климатските промени се уште едно многу важно прашање што го загрозува целиот свет и ги повика сите земји да ги преземат неопходните мерки пред да биде предоцна.

ОН е основана во 1945 година, а нејзините главни задачи се одржување на мирот и безбедноста во светот, развивање на добрососедски односи, економската соработка, ширењето толеранција и промовирање на почитувањето на човековите права и основните слободи на човекот.

Пред официјалната програма во канцеларијата на ОН во Виена, Гутереш се сретна и со австрискиот претседател Александер Ван дер Белен.