Ејуп Алими и Исмет Гури од ДУИ пак осудени на 3,6 години затвор за „Титаник 3“
Апелацискиот суд ја укина првата пресуда но Кривечен на повтореното судење одреди иста казна за манипулација на изборни резултати
Ново судење, исти казни за двајца функционери на ДУИ.
По три години и шест месеци затвор добија Ејуп Алими и Исмет Гури од ДУИ обвинети во случајот „Титаник 3“ за манипулација со изборни резултати. Ним во Кривичен суд им се судеше по вторпат, откако еднаш Апелацискиот суд ја укина пресудата.
Судијката Марија Клетничка ги прогласи за виновни Алими и Гури бидејќи уништувале изборни материјали на локалните избори во 2013 година во Чаир.
Според пресудата, Алими и Гури со неколку други лица, кои беа сведоци во судскиот процес, по гласањето за градоначалник во првиот круг во записниците од повеќе избирачки места го менувале бројот на гласови на тој начин што на кандидатот на ДУИ му додавале гласови, а на тој од ВМРО-ДПМНЕ во најголем дел од случаите одземале. Намалувале гласови и на кандидатот на ДПА.
Читајќи детално на кое избирачко место по колку гласови биле додавани и одземани за партијата, судијката за едно од нив посочи дека Исмет Гури пред влезот на Општинската изборна комисија (ОИК) кога го одзел записникот со цел да го преправи на претседател на избирачко место се заканил да го потпише бидејќи во спротивно би било лошо за него, а му кажал и дека за „оваа работа“ има договор со ВМРО-ДПМНЕ, партија со која ДУИ тогаш беше во коалиција.
Покрај менувањето на бројот на гласови, меѓу незаконските активности на двајцата функционери од ДУИ, според пресудата, било и тоа што потоа сами ставале печат од избирачките одбори, како и ги фалсификувале потписите од претседателите на одборите.
Овие резултати биле пратени во Државната изборна комисија со цел да станат конечни, но не им успеало.
И денешната пресуда на Основниот кривичен суд не е правосилна односно странките имаат право на жалба до Апелација која овој пат ќе треба да одлучи мериторно.
Ова е прва пресуда за некои поранешни или актуелни функционери од редовите на ДУИ во предметите на поранешното СЈО.
Гури во моментов е заменик-управник во УЈП, а Алими државен советник во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците со кое раководи првиот вицепремиер Артан Груби.