Грузиjската демократија умира во илјада парчиња

За владејачката партија во Грузија, преживувањето на режимот се чини дека ги надминува сите други приоритети. Борбата на партијата Грузиски сон со западните партнери и постојаната политичка поларизација ризикуваат да го поништат демократскиот напредок на земјата.
Сепак, долготрајната политичка криза во Грузија не го привлече вниманието што го заслужува во Европа и во САД. Таа не е човечка трагедија како ерменско-азербејџанскиот конфликт, ниту политички кошмар како што е Белорусија. Владејачката партија Грузиски сон е во невидена досега борба со ЕУ и САД. Во јули се откажа од договорот постигнат со посредство на ЕУ за решавање на конфликтот со опозицијата на изборите минатата година. Во септември, отворено пркосејќи на својата заложба да не продолжи со политизирани назначувања во судството, владата го загуби вториот пакет заеми од ЕУ, во вредност од 75 милиони евра.
Лидерите на земјата, исто така, започнаа борба со западните партнери поради Маршот на гордоста во Тбилиси во јули. На 5 јули, тие не успеаја да ги заштитат новинарите од насилство од анти-ЛГБТК екстремистите, кои го соборија знамето на ЕУ од зградата на парламентот двапати за два дена. Подоцна, премиерот Иракли Гарибашвили го нарече настанот „пропагандистичка парада“, имплицитно ставајќи ја ЕУ во улога на либерален хегемон кој ги наметнува своите вредности врз неволната грузиска нација.
Системската криза во Грузија е дело на повеќемина, не само на Грузиски сон. Таа е заедничко вложување со главната опозициска групација во земјата и поранешната владејачка партија, Обединето национално движење (УНМ), која се уште е предводена од егзил од страна на поранешниот претседател Михаил Саакашвили. Додека беше на функција, Саакашвили исто така беше понесен од исти недемократски практики за кои неговата партија сега го обвинува Грузиски сон – политизирање на судството, сузбивање независни медиуми, малтретирање кандидати од опозицијата.
Во октомври 2020 година, Грузиски сон освои трет мандат на парламентарните избори – нешто без преседан во модерната грузиска историја. Саакашвили веднаш повика на бојкот на новиот парламент, но повеќето меѓународни набудувачи рекоа дека иако гласањето има многу недостатоци, го потврдуваат резултатот.
Во април повторно беше потребен меѓународен посредник за да преговара за компромис помеѓу овие непомирливи политички сили. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, посредуваше за компромис со кој Грузиски сон се согласи да одржи предвремени парламентарни избори доколку добие помалку од 43 проценти на општинските избори што ќе се одржат на 2 октомври 2021 година.Помалите опозициски партии го потпишаа договорот, но УНМ не го потпиша, што доведе до тоа владејачката партија да се пожали дека прави еднострани отстапки и дека добива малку за возврат. Зголемувајќи го впечатокот за политички циркус, Грузиски сон го напушти договорот од јули.
Некои коментатори се уште ја гледаат раката на Москва во грузиската политика во геополитичка смисла. Тоа не одговара на фактите. Владата на Грузискиот сон не ја смени својата декларирана ориентација кон ЕУ и НАТО. Русија нема дипломатски односи со Грузија од војната во 2008 година и тоа најверојатно нема да се промени се додека трае вечниот судир околу Абхазија и Јужна Осетија.Се разбира, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров не пропушта можност да ги искоментира неодамнешните настани и да каже дека вратата е отворена за Грузија за подобри односи, но тој не понуди пат како тоа да се направи реалност.
Основачот на Грузиски сон, Биџина Иванишвили и Гарибашвили не го имитираат толку односот кон Русија како другите соседи на Грузија, Азербејџан и Турција, со западните земји. Еден полски коментатор со седиште во Тбилиси гледа загрижувачки паралели со Полска, додека Унгарија нуди друг пример. Не треба да заборавиме дека Саакашвили оствари силна врска со унгарскиот премиер Виктор Орбан, па дури и го покани да води кампања со него во Грузија во 2012 година.
Се чини дека опстанокот на режимот ги надминува сите други потреби, дури и за значителната макро-финансиска помош. Онолку колку што Гарибашвили и неговите господари имаат стратегија, се чини дека таа се сведува на следново: да се изврши доволно контрола врз медиумите, врз судството и врз изборите, да се замајува јавноста со дебати за „грузиските вредности“ и да се користи Саакашвили за да се заплашуваат Грузијците и за да им се одвлече вниманието од други прашања; да се зачуваат разумно добри работни односи со Вашингтон и со Брисел, а притоа да не се урнат сите мостови со Москва. Дали грузиската јавност ја купува оваа порака?
Сеопфатното истражување на Националниот демократски институт од јули е отрезнувачко. Педесет и еден процент од испитаниците рекле дека Грузија не е демократија, истиот процент вели дека земјата се движи во погрешна насока и дека ниту една од сегашните страни не ги задоволува нивните потреби. Само 30 проценти именуваа политичка партија за која би гласале. Во огромно мнозинство, испитаниците ги наведоа невработеноста и сиромаштијата како нивни главни грижи – укор за цела генерација грузиски политичари кои ветија, но не ги исполнија овие прашања.
Гласачите во Тбилиси, слободоумниот град, имаат шанса да ја потврдат својата верба во нешто различно на претстојните избори за градоначалник. Имаат невообичаено разновидна листа од независни кандидати за избор, доколку сакаат да го изразат своето незадоволство од двете главни партии.Актуелниот, Каха Каладзе од Грузиски сон, е фаворит за победа. Но, ако независните работат добро, тогаш можеме барем да кажеме дека извештаите за смртта на грузиската демократија се малку претерани.