Груби ги нарече хистерични реакциите за играњето фудбал во неговиот кабинет
Не гледам ништо неморално и неетично во тоа што игравме фудбал во мојата канцеларија, коментарите се недолични, порача вицепремиерот Артан Груби во врска со фотографиите и видеото кои ги објави попладнево, на кои се гледа како со уште пет министри од партијата играат фудбал и кошарка во неговиот кабинет во Владата. Груби посочи дека пораката од играњето била дека се одличен млад тим.
„Пораката од играњето беше дека сме одличен тим, многу сложни заедно, дека сме млади и полетни, желни за резултати и дека само што почнавме со работа“, рече Груби.

Според него денот бил напорен и предизвикувачки и затоа се собрале на антистрес дружба.
„Не беше во работно време, но и да беше. Беше по завршување на Управувачкиот комитет за изградбата на коридрот 8 и 10-д што е најголем проект во независна Северна Македонија. Потоа имаше владина седница со многу точки и обраќање на шведската амбасадорка. Напорен беше денот, предизвикувачки. Со колегата Насер Нуредини се сретнавме на кафе прв пат откако се повлече од функцијата. Во мојата канцеларија кој и да бил видел дека има фудбал, голче, кош, баскет, топка за ракомет кои ги добив од Агенцијата за млади и спорт, Фудбалската и Кошаркарската федерација. Согласно реогранизацијата на органите на државната управа што ја усвои Владата, Министерството за политички систем треба да ја преземе и Агенцијата за млади и спорт. Затоа заличи канцеларијата на тоа во што ќе прерасне министерството. Не гледам ништо неморално и неетички, едноставно шутирваме, си игравме малку фудбал, пет минути, и баскет. Зошто да не играме внатре? На мало голче игравме фудбал, во тоа не гледаме ништо спорно“, објасни Груби во вечерашното гостување на ТВ 24 рече Груби. Според него, сме станале општество на хистерични реакции за се и сешто.
Во описот на фотографиите што ги објаи Груби пишуваше: „Дрим тим. По долг и предизвикувачки ден, придружна антистрес дружба за одбележување на заедничкиот успех. Денес е голем ден!“
Во интервјуто на ТВ24 Груби ги коментираше и тензиите со „огнените“ во ДУИ. Според него, Изет Меџити, иако демантира јавно, му барал поддршка да стане претседател на огранок и пратеник, а за возврат му ветил поддршка да станеш министер.
-И самиот Муса Џафери рече на претседателство дека Артан Груби заслужил да биде министер, заменик премиер рече дека е можеби премногу – додаде Груби во интервју за 24 Анализа.
На коментарот дека Меџити тврди дека е лага дека побарал поддршка од Груби, вицеперемиерот одговори:
-Сите знаат дека јас не лажам.
За собирот на „огнените“ во Чаир, за кој се тврди дека бил посетен од многу луѓе, вели дека таа сала има само 400 столчиња. Околу убиството кое се случи вчера во Старата скопска чаршија, каде беа убиени две лица, Груби побара од институциите што поскоро да го истражат и да го решат.
-Немам допирна точка, сакам институциите да истражат и делуваат. Со тој свет на дрога, дилерство, криминал немам допирна точка. Апелирам да се реши час поскоро, ги охрабрувам институциите да постапуваат ригорозно – рече Груби во интервју за 24Анализа.
Тој повтори дека не сака да го коментира инцидентот, велејќи дека не е детектив, а како доказ за заложбите на Владата да се справи со криминалот рече дека изминативе години се запленети рекордни колични на дрога. Во врска со фотографијата која се рашири во јавноста, а на која убиениот Јетон Кривањева е во друштво со претседателот на Собранието, Талат Џафери, Груби рече дека се работи за најобично фотографирање меѓу функионер и обичен граѓанин.