Групата „Пријатели на Западен Балкан“ се среќава во Рим. Има ли некој од Македонија?
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/Rim.jpg)
Според најавите и на официјалната страница на Европската унија и од италијанската влада денеска попладне во Рим ќе има министерска средба на групата наречена „Пријатели на Западен Балкан“ на која ќе се расправа за иднината на овој регион и неговите врски со Унијата.
Со состанокот ќе претседава италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, а на него ќе присуствуваат и високата претставничка за надворешна политика Каја Калас, како и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
На дневен ред се две теми: „Зачувување на заедничката безбедност: унапредување на соработката со Западен Балкан“ и „Забрзување на европската интеграција на Западен Балкан: заеднички приоритети за иднината“.
Групата „Пријатели на Западен Балкан“ е формирана во јуни 2023 и неа ја сочинуваат Италија, Австрија, Чешка, Словачка, Хрватска, Грција и Словенија. Групата се обидува да го задржи вниманието на ЕУ насочено кон регионот и да промовира забрзан процес на интеграција.
Според најавата на министерството за надворешни работи на Италија на министерскиот состанок ќе бидат и министрите за надворешни работи на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија. Министерскиот состанок има за цел да ја зајакне координацијата за целите и приоритетите за 2025 година во однос на соработката меѓу ЕУ и Балканот, европската интеграција, безбедноста и регионалниот развој.
Не е јасно дали некој од Македонија ќе присуствува на овој министерски состанок. Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, е во повеќедневна посета на Австралија. Од Министерството за надворешни работи немаа одговор за тоа кој треба да биде македонскиот претставник.
Антонио Тајани беше во Скопје на почетокот на септември, прв европски шеф на дипломатијата кој дојде на средба со новите македонски власти. Тој тогаш изјави: „Мојата посета овде не е само формална, туку е јасна порака за поддршка која ја даваме на земјите од Западен Балкан за влез во ЕУ. Мене зборот проширување не ми се допаѓа, ова се европски земји и ние треба да зборуваме за спојување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ. Италија отсекогаш имала силен однос кон Земјите од Западен Балкан. Сакаме да го забрзаме темпото на пристапување кон ЕУ и за тоа се залагаме во европските институции“.
Тајани го спомена и значењето на Коридорот 8 како еден од клучните инфраструктурни проекти за регионот. Тој најави дека ќе организира средба до крајот на годината со Македонија, Бугарија и Албанија за да се забрза развојот на Коридорот 8, со цел да се поттикне економскиот раст и да се подобри внатрешниот пазар.