Груевски се чувствува предаден од Мартин Протоѓер


Според Груевски, изјавата на Протуѓер во судот била недостоинствена и неточна

Никола Груевски од удобниот езгил во Будимпешта пишува дека некои личности покажувале „ранливост на карактерот“, посочувајќи го Мартин Протуѓер. И уште дека почистиот воздух во Будимпешта бил многу подобар за неговото здравје од загадениот во Скопје

 

Едно сведочење во судот за „Плацевите на Водно“ и еден одговор од 200 редови.

Едно сведочење во судот и еден одговор во удобна емигарантска фотелја во кој се зборува за некаква ранливост на карактерот на личностите и како различно реагирале. Некои бегаат преку граница со помош на разузнавачи, други останаа овде во затвор, трети се во притвор, четврти постојано на судски рочишта, петти сведочат одвреме- навреме.

По днешното сведочење на Гордана Јанкулоска и Мартин Протоѓер во Слуучајот „Плацевите на Водно“, бегалецот од Будимпешта, Никола Груевски, го напиша веројатно најлицемерното писание на Фејсбук во неговите три години во егзил. Тој, речиси на директен начин, го обвини неговата десна рака со години, Мартин Протуѓер, дека потклекнал под политичко и друго влијание и кажувал работи кои биле неприлични за поранешниот премиер. Протоѓер, денеска во судот зборуваше дека Груевски сакал да купи земјиште во Сопиште крај Скопје за да изгради куќа бидејќи тоа ќе било подобро за неговото здравје, но дека зел 10.000 квадрати на Водно. Груевски вели дека доаѓањето во Будимпешта било многу корисно за неговото здравје, бидејќи таму е многу почист воздухот и веќе престанал да кашла во зимските месеци како што му се случувало во Скопје.

„Протоѓер кажал дека понекогаш покрај политичките разговори сме разговарале и приватни работи. Всушност денeс тој цело време говорел за наводни приватни разговори меѓу нас двајцата без присуство на трети лица, па на крајот и самиот на прашање на еден од адвокатите потврдил дека за тоа што го кажал нема никаков доказ.

Тој кажал дека сум имал хроничен здравствен проблеми со респираторниот систем, што е точно. Истото помалку или повеќе јавноста го има забележано, бидејќи секоја зима некаде помеѓу ноември/декември и некаде до март имав големи проблеми со обилно кашлање, за кои ниту еден лекар во Македонија, а во два наврати и во странство, не можеа да утврдат на што се должи, па некако на крајот констатираа дека најверојатно е алергиска реакција на некои честички од загадениот воздух. Уште повеќе што кога ќе отидев неколку дена на планина, кашлицата престануваше или се сведуваше на минимум. Додатен доказ ми е што одкако сум дојден во Будимпешта, каде воздухот е многу почист од скопскиот, тој проблем или го немам или се јавува многу ретко и многу пократко, наместо цели 4 месеци како во минатото“, ја објаснува својата здравствена слика Груевски во унгарската престолнина.

Тој потврдува дека разговарал со Мартин Протоѓер на темата кашлица и дека било споменато за Сопиште бидејќи цената на земјиштето таму е ниска.

„Сè до тука Протогер ја зборува вистината и тој ме поддржуваше во таа намера, па дури и размислуваше и тој во иднина да се пресели во таа соседна општина на градот Скопје.

Но, оној дел од неговата изјава каде говори дека во некој момент сум му спомнал дека сум земал земјиште на Водно од 10 илјади метри квадратни не само што е неточна, туку ценам дека е дел од притисокот и уцената кој врз него систематски се прави од страна на партиски контролираното обвинителство. За волја на вистината тој веднаш се корегирал на некој начин и тоа со три интервенции“.

Тој вели дека „земјиштето за кое имам неосновано обвинение и за кое се води судска расправа е можеби на околу два километри оддалеченост од посоченото место од страна на Протоѓер (што ако се спореди со населбите во центарот на Скопје, може да се спореди како да ме обвинуваат за локација на пример кај Олимпискиот базен, а Протоѓер да посочил локација на пример во Дебар Маало)“.

Но потоа, Груевски вели: „ Протоѓер коректно кажал и дека не видел некогаш дека јас сум земал или на некој начин добивал пари од партијата, што е точно, но кажал и дека јас сум морал по функција да имам некаков клуч од сеф каде се чувале пари, за кои и самиот тврди дека знаел дека биле мали износи за тековно функционирање на партијата, од типот како што навел менување на сијалици и слично.

Не, по функција не сум морал, ниту сум требало да имам таков клуч, ниту сум сакал да го имам, ниту пак сум го имал, што лесно може да се прочита од статутот и другите партиски акти од тоа време, кои ги опишуваат надлежностите и обврските на сите функционери на партијата, а што судот доколку сака да ја установи вистината, може по службена должност да ги побара и прибави овие акти и да се увери.

Се на сè, можам да кажам дека тој дел од изјавата на Протоѓер, колку и да се трудам да ја разберам неговата ситуација, е недостоинствен, неприфатлив и неточен“.

Потоа тој се осврнува и на сведочењата на Гордана Јанкулоска, Влатко Чинговски, сметководителката на фирмата „Сирах“, со детали како да слушал директен пренос од рочиштето. Тој вели дека сведочењето на Јанкулоска било „сосема коректно“.

Јанкулоска е на издржување на четиригодишната затворска казна во „Идризово“ поради купувањето на луксузниот „мерцедес“ за Никола Груевски, а тој од удобната фотелја во Будимпешта, ѝ оддава признание за сведочењето. (Н.В.)