Груевски осуден на 7 години затвор за „Плацеви на Водно“, Камчев година
Поранешниот премиер Никола Груевски е осуден на единствена казна затвор во траење од седум години , како и на парична казна од 3.500 евра, во судкиот случај „Плацеви на Водно.
Сашо Мијалков доби 1 година и 3 месеци, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ, условна осуда, две години затвор, која нема да се изврши ако во рок од 5 години не сторат ново кривично дело.
Јордан Камчев, доби казна затвор од една година.
Судењето за овој предмет го води судијата Илија Трпков.
Никола Груевски, Сашо Мијалков, Јордан Камчев, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ виновни се затоа што Груевски присвоил туѓи предмети што му биле доверени во врска со неговата работа, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ парите не ги прикажал како донации за партијата и за себе присвоил 1.300.360 евра.
Од октомври 2012 до септември 2013 ги пуштил во оптек и со давање насоки му помогнал Сашо Мијаклов, а Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ да купат недвижен имот. Груевски дознал дека од лица кои не се во државата се продава земјиште на Водно, па побарал од Сашо Мијалков да му помогне да го купи земјиштето од 11.000 метри квадратни, а да прикријат од каде се парите.
Мијалков, според обвинението, стапува во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма, управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски.
Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе парите се пуштаат во оптек, а Новачевски во својство на управител на фирмата со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра. Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје, овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка, Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела.
Освен ова, Груевски, според обвинението, како службено лице со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој ги надминува неговите приходи пријавени во анкетниот лист, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Новачевски. Па така, тој во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 и од 57 квадратни метри, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 квадратни метри и две градежни парцели во Крушево.
Ќе се конфискува имот
Судијата одреди и конфискација на недвижен имот од повеќе правни лица, односно го конфискува земјиштето на Водно, кое Груевски го купил со пари од донациите добиени за партијата ВМРО-ДПМНЕ. Се конфискуваат и станови и градежни земјишта во Кисела Вода, како и луксузните станови во „Парк резиденс“ и имот во Крушево, како и недвижности во сопственост на Ристо Новачевски.
Ако конфискуваниот имот не е можно да се конфискува или не одговара на паричната вредност, ќе се конфискува и од трети лица, рече судијата, на кои бил пренесен имотот.