Груевски остана без плата, но сега има право на апанажа


Откако денеска ќе му биде констатирана пратеничката оставка, поранешниот премиер Никола Груевски ќе може да побара од парламентот апанажа во висина на платата што ја земаше како парламентарец, а која му беше ускратена дури откако во почетокот на годинава беа донесени измени на Законот за пратеници.

Со оглед на тоа што беше избран за пратеник во  декември 2016 година, односно беше на функцијата повеќе од две години, Груевски има право на апанажа во висина на пратеничката плата во траење од една година.  Истото право ќе му следуваше и во случај да му беше одземен мандатот.

Собраниски извори потврдуваат дека секој пратеник, независно по кој основ му престанал мандатот, има право на апанажа, во зависност од тоа колку време бил на функцијата. Сепак, во парламентот не веруваат дека поранешниот премиер, кој сега е во бегство и во азил во Будимпешта, ќе побара апанажа, за чие одобрување постапката би одела преку Комисијата за избори и именувања.

Во јануари годинава, парламентот донесе закноски измени според кои на пратеник кој е осуден на затворска казна подолго од шест месеци го губи правото на надоместоци. Груевски е правосилно осуден на две години затвор за случајот „Тенк“, поради што и избега од правдата. Измените на Законот за пратеници беа донесени со 53 гласа „за“, а единствено спикерот талат Џафери гласаше „воздржано’, со образложение дека не е убеден во издржаноста на решението што го предложија група владејачки пратеници.

(А.М.М.)