Груевски не се враќа дома


ЕРОЛ РИЗАОВ

Тамам Никола Груевски ги спакува куферите за враќање во татковината мораше да ги распакува. Од ергелето на Хиподром беше нарачал бел коњ на кој ќе вјава на скопскиот плоштад. Сè било голема лага и тешка клевета. Сè било сечено, лепено, монтирано и креирано во повеќегодишните незаконски прислушувани телефонски разговори на над 20.000 граѓани и јавни личности само да се обезличи Македонија и да се урне еден голем државник и лидер, да се компромитира ВМРО-ДПМНЕ. Со неговото фалсификувано развластување, нарачано судење, пресуда и прогонство, нанесена е огромна неправда на еден чесен човек, патриот и политичар, на неговата партија и неговите најблиски соработници, на сите граѓани и на целата држава. Во шокантната изјава пред обвинителите на Зоран Верушевски, една од клучните фигури во откривањето на најголемиот скандал со повеќегодишно држење под надзор на илјадници граѓани, Груевски ја виде својата невиност и рехабилитација.

Во триумфалното обраќање до граѓаните на Македонија, Груевски воскликнува – ви кажав ли јас дека вистината е како шило, кога-тогаш излегува на виделина, сè е монтирано, се работи за голем меѓународен заговор во спрега со домашните непријатели организирани од СДСМ и од Зоран Заев. Сведоштвото на Верушевски е крунски доказ дека немало никаков криминал, никаква корупција, ни помисла за злоупотреба на власта ни приопштува Груевски жизнерадосен. Сè е осмислено со пеколен план, сите обвиненија и тужби, сè е тоа голема валкана доктрина на домашните и странските непријатели, на соросоиди, на кодоши и на платеници, корумпирани новинари и медиуми за да се смени името на државата, да ѝ се избрише историјата и славното минато, и да се стави земјата и народот под протекторат. Подготовките за враќање на Груевски требаше веднаш да почнат, со сенародно барање и молба да ни ги прости гревовите, ако воопшто може да ни се прости за злото што му го нанесовме. Пречекот на Груевски требаше да биде поимпозантен од оној што тој му го приреди на Љубе Бошкоски, ама една тајна порака ја расипа работата.

Каков филмски пресврт приреди Верушевски со својата недовршена исповед на поствистината. Додека тој го контролирал транспортот на прислушуваните разговори, сè било чисто и нечепнато, саде оригинали како што биле искажани. Но, откако бил лишен од слобода и затворен, многу работи од „документацијата“ доживеале „стравотни модификации и компромитирања“. По неговото сведочење со нова вистина, спасена е честа и на Груевски и на сите обвинети поранешни функционери за тешки кривични дела. Немало местење на избори, немало нарачани судења и пресуди, немало крадење и корупција, немало џабалак плацови на Водно, немало уривање на приватни имоти, никој не мокрел низ ногавица во неговиот кабинет, немало милионски кинески провизии за патишта, немало корумпирање на медиуми, немало расипништво со народните пари, немало ама баш ништо противзаконско.

Навистина голема штета што ова не го приопшти порано Зоран Верушевски. Груевски немаше да избега. Ќе беше слободен граѓанин и премиер каков што никогаш не сме имале ниту ќе имаме. Македонија ќе цветаше во благосостојба како светски првак во економски реформи и во демократскиот развој. Ќе го спасевме уставното име на државата да остане ерга омнес за сите употреби и за по дома и за по надвор, немаше да ги изгубиме идентитетот, ќе го сочувавме македонскиот јазик и државјанство, ќе го одбегневме понижувањето од соседите, Гоце Делчев и сите македонски дејци ќе си беа само македонски, а и Албанците и другите помалку или повеќе различни, не ќе добиеја преку леб погача, ќе престанеа преселбите на младите по белиот свет, ќе живеевме во голема слога и хармонија, ќе имавме повисок стандард и поквалитетен живот. Наместо да ја каже вистината веднаш, Верушевски за своите заслуги прифати мала и понижувачка функција да биде советник во кабинетот на премиерот Зоран Заев, најголемиот виновник за лажните бомби и за незаконски снимените секојдневни вообичаени разговори кои монструозно се модифицирани во компромитации, иако биле чисти кога Верушевски ги доставувал до СДСМ, до Бранко Црвенковски, а подоцна и до Зоран Заев. Штета што тогаш го затворија, ќе останеа негибнати.

Додека течат подготовките за пречек на Груевски, се очекува да се јават уште неколку клучни сведоци, директни учесници во историските настани, кои ќе ја обелоденат монтажата и на аферата „Рекет“. И во овој случај на дополнителна поствистина ќе се докаже дека сè било наместено и креирано да се урне Зоран Заев и да се компромитира СДСМ. Нели, додека не се докаже вината, сите се невини. А во случајот исто така без никакви докази им е нанесена голема неправда на главните и чесни актери. Немало ни рекет, ни уцени, ниту, пак, некој земал или давал пари. Парите како и кај претходните случаи нигде ги нема. А штом нема пари, нема ни дело. Нема судење за убиство ако нема тело. Тоа што има дворци, латифундии, чифлици, фабрики, рудници, болници, банки, јахти, авиони… тоа не важи. Тоа е сè чесно стекнато со работа и со ум. Се работи само за уште една измислена афера и заговор против Македонија да се спречи нејзиното членство во НАТО и да се оневозможат преговорите со ЕУ, да се поништат договорите со Грција и со Бугарија.

Во суштина, што да ви кажам кога добро знаете дека се работи за една чудесна земја со која управуваат како со свој имот домаќински и скромно чесни политичари, големи државници и каде владеењето на правото и моралните норми се на највисоко светско ниво, речиси без исклучок само кај највисоките функционери кои ние ги избираме многу одговорно. Ниту еден од нив го нема зголемено своето богатство додека им трае мандатот. Сите тие осиромашеле откако ги оставиле без стопан своите имоти и бизниси и добро платени работни места само за да се жртвуваат за татковината. Има ли од тоа поголем доказ дека луѓето се невини во сите измислени скандали. Криминалот и корупцијата во оваа земја се присутни само кај рајата, кај простосмртните луѓе кои во сиромаштија и беда имаат човечки слабости.

Значи, насетувате, заклучокот се наметнува сам по себе, кога нема криминал и виновници и кога има само фабрикувани афери, треба да уследи едно општонародно помирување и простување на гревовите. На сите невино осудени и обвинети да им исплатиме од нашата беда големо обесштетување за претрпените неправди, духовни и физички болки. И така да тргнеме пак од почеток кај што застанавме откако братски ќе се прегрнеме и ќе си бакнеме рака едни на други. Бадијала потрошивме толку чемер и јад, бадијала толку омраза во земјата недојдија. Па, конечно, и не е толку страшно што едните секогаш кога се на власт лошо управуваат со државата, а другите стопати полошо и кога се на власт и кога се во опозиција.

Чекајте, чекајте… од таму штотуку дојде последната вест. Во врвот на ВМРО-ДПМНЕ не се воодушевени со враќањето на Никола Груевски и сведоштвото на Зоран Верушевски. Велат нека си остане уште извесно време во Будимпешта. Не е време за враќање. Од каде па баш сега да се врати поради една сомнителна изјава, кога ни тргна работата. Не може туку така да си дојде дома и да расипе сè, а баш убаво се распоредивме.

Од СДСМ, пак, од високото интелектуално крило на филозофи софисти обратна реакција. Тие се одушевени Зоран Заев, „селанчето од Струмица“, да се испрати на подолг одмор со заслужените признанија за тоа што тој го заврши тоа што тие не можеа. Велат, имале соодветна замена за Заев, ама прерано е да се каже кој е тој јунак.

Ете ти сега беља, човекот почна да ги распакува куферите, ама пратил абер до Хиподром да го негуваат коњот. А Заев им порачал на своите мислители – ќе почекате малку.