Груевски најави дека се повлекува од пратеник
Oдлучив да се повлечам од пратеничката функција а за истото формално-правно парламентот ќе го известам во наредните денови, најави експремиерот Никола Груевски на својот фејсбук профил.
„Целта легално да ми го одземат мандатот е јасно дека е неостварлива. И според Уставот на Македонија и според меѓународните прописи, но и според неподлегнувањето на притисокот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои на комисијата за мандатно-имунитетни прашања не подлегнаа на притисоците и пропагандата и им одржаа лекција по меѓународно право и уставно право на нивните колеги од власта кои во отсуство на аргументи расправата ја сведоа на ‘маалска дискусија за политика на клупа пред зграда’, во текот на расправата на комисијата“, напиша Груевски, додавајќи дека не сака понатаму да и дава можност на СДСМ користејќи ја оваа тема да ги избегнува дебатите за суштинските теми и проблеми, и затоа се повлекува.