Груевски на тајна средба со помошник секретарот на унгарското МНР
Унгарското Министерство за надворешни работи потврди дека нивни функционер имал средба со азилантот Никола Груевски во стан во Будимпешта, откако унгарскиот портал „444.ху“ го сними осудениот избеган експремиер на заминување од средбата.
„Не е ништо посебно Министерството за надворешни работи да биде во контакт со личност во Унгарија, која била премиер во својата земја долг период“, одговорија од унгарското МНР на прашањето на унгарскиот портал „444.ху“.
Според информациите, Груевски се сретнал со помошник секретарот во унгарското МНР, Иштван Јо, во стан кој е во сопственост на двајца кинески државјани. Новинарите го забележале Груевски како влегува во влезот каде што е сместена нивната редакција. Тој со уште двајца мажи влегол токму во станот до оној каде се наоѓа редакцијата на „444“. Новинарите го чекале околу еден час да излезе од станот, но штом тој ги забележал на излегување, брзо се скрил назад во станот. По кратко, Груевски сепак излегол во придружба на еден од мажите кои биле со него. Третиот бил одлучен да се скрие од новинарската камера и останал зад вратата на станот.
Порталот објави дека откако со прашања безуспешно го следеле Груевски до неговиот авомобил пред зградата, се вратиле назад и го сретнале третиот човек – унгарскиот помошник секретар во унгарското МНР. Груевски попладнето во петокот присуствувал на бизнис настан наречен „Будимпешта бизнис забава“, па редакцијата на „444.ху“ претпоставува дека можеби тоа била причината за средбата во станот.