Груевски ќе си оди со оставка


Во 12.30 часот се очекува да почне 102. седница на парламентот на која треба да биде констатирана оставката од пратеничкото место што од Унгарија ја испрати  поранешниот премиер Никола Груевски, кој е сега бегалец и азилант во Будимпешта.

Оставката се констатира без изјаснување и без дискусија. Иако Груевски не е присутен во земјава за да може лично на седница да ја поднесе оставката, на претпладневната координација во парламентот било одлучено таа да биде констатирана. Според тоа, ќе нема дискусија и гласање за предлогот за одземање на мандатот на Груевски што го усвои Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетски прашања, а за кој конечната одлука требаше да ја донесе собранискиот пленум.

За одземање на мандат на пратеник се потребни најмалку 80 гласови, што беше неизвесно дали ќе се обезбедат. И покрај тоа што поранешниот премиер беше евидентиран како неоправдано отсутен од парламентот подолго од шест месеци, во таборот на опозицијата имаше двумење  дали да се  гласа „за“ одземање на неговиот мандат.

По констатирањето на оставката на Груевски, на негово место во парламентот треба да дојде Ѓоко Камчев. Тој е следниот од кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ во четвртата изборна единица на  парламентарните избори во 2016 година. Камчев бил на 11 места на листата чиј носител беше Груевски, кој, пак, тогаш како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, се кандидираше во „четворката“ за да има директно соочување со лидерот на СДСМ Зоран Заев.