Груевски избришан од меѓународните успеси на Македонија
Оригиналната апликација за прием на Македонија во Европската унија потпишана од претседателот Борис Трајковски дента кога полета и не се врати. Стратешкиот договор за специјални односи со САД, Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, писмото од Жељу Желев со кое Бугарија ја призна Македонија, документот за првото признавање од Турција и многу други историски документи кои го нацртаа патот на нашата дипломатија изминатите 30 години од добивањето на независноста се најдоа на првата ваква архивска изложба организирана од МНР.
Беа изложени и повеќе историски фотографии од најзначајните настани, на нив продефилираа сите високи функционери кои имаа некаква улога во нив, а фалеше само Никола Груевски, чија појава очигледно не беше достојна и за ваков јубилеј. Шефот на дипломатијата Бујар Османи најави дека ова е само дел од архивските документи и дека планира сите да завршат во музеј за надворешната политика на Македонија.
„Како што можете да видите, објавуваме интересни документи, записи и фотографии преку кои се прикажани почетоците на нашата дипломатија од независноста, развојот на надворешните односи и достигнувањата на нашата земја. Во функција на транспарентноста, но и како начин за промоција на нашите вредности, со оваа изложба фактички започнуваме целосно нов концепт на тематско изложување на дипломатски архивски документи, записи и наследство кои се од значење за домашната и странска јавност. Дополнително, на еден среден рок за оваа цел планираме и создавање на траен музеј на основни архивски документи од значење на државата“, рече тој.
Османи посочи дека она што и самата изложба го покажува е дека уште од нејзиното осамостојување Македонија експлицитно и недвосмислено се определила кон европските и евроатлантските вредности. Со текот на времето, докажувајќи ја својата определеност кон мирољубиви решенија и градење на мултиетничка и мултикултурно општество, како што рече министерот Османи, земјата успешно се позиционираше на меѓународната сцена и покажа дека иако мала земја може да воспостави билатерални односи со голем број земји од различни региони во светот и да биде значаен партнер на меѓународната заедница.
„Во овој контекст неминовно е да се споменат трите значајни столбови на кои се потпира нашиот успех и кои што со сигурност може да се каже дека претстатуваат и парадигма за нашата посветеност и мирно решавање на прашањата – Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателство со Бугарија и Договорот за стратешко партнерство со Грција познат како Договорот од Преспа. Круна на нашите стратешки цели беше полноиправно членство во НАТО и се надевам дека истото ќе го кажеме во догледна иднина во однос на нашите искрени аспирации за полноправно членство во Европската унија“, истакна Османи. (С.Ј.)