Груевски и Мицкоски како дуо трио


Груевски, Мицкоски и Николоски, ако бога знаете, не ѝ пејте реквием на Македонија и не повикувајте на паника и хаос, оти таа уште е жива и здрава и ќе го победи и ова планетарно зло

ЕРОЛ РИЗАОВ

Никола Груевски и Христијан Мицкоски ги извадија маските и сеат ли сеат  вируси низ Македонија поопасни од Корона.

Ни три дена не траеше лажната и лицемерна солидарност на ВМРО ДПМНЕ. Се огласија во дует Груевски и Мицкоски. Првиот, избеганиот осуденик, од Будимпешта лажно се претставува како голем научник и доктор по економски науки, за да ги поткрепи своите совети. Азилантот  предлага брза интервенција во буџетот и задолжување од неколку стотици милиони евра за спасување на македонската економија. А, вториот, од татин докторант за енергетика, се унапреди за еден ден  во врвен лекар небаре  примариус, па дели совети за отстранување на светската опасност  кај нас со масовно  тестирање за да поентира со небулозата дека завршил медениот месец на Венко Филипче. За да се комплетира дуото во трио по нивните  погребални рефрени кои во Македонија одекнуваат како повик за паника и хаос басира со ча, ча, ча.. Александар Николоски.

Паниката на раководството на  ВМРО ДПМНЕ  доаѓа од фактот што не успева да се пронајде себеси во овие тешки моменти, особено  по огласувањето на владата, на премиерот Оливер Спасовски  и предлогот на Зоран Заев дека се подготвуваат првични  мерки за поддршка на економија за повеќе од 200 милиони евра, најмногу по глава на жител од целиот регион  и со отварање на повеќе пунктови во Скопје и во целата земја  за тестирање од корона вирусот. Злосторничкото здружение внесува  конфузија и хаос во јавноста со предлози кои веќе се во процедура нанесувајќи штети рамни на  обиди за подривање на државата во време на вонредна состојба  во време кога треба најмногу студени глави, дисциплина и национално единство.

Откако ја задолжи државата за повеќе од пет милијарди евра кои ги фрли на споменици, на потрага по славно античко минато со фалшив   барок и рококо во своја слава и откако од Македонија направи Потемкиново село, Груевски против кого се водат повеќе судски постапки за големи злоупотреби и корупција, замислете сега бара милионски заем и итен ребаланс на буџетот  за да го спаси здравјето на економија и на државата. Човекот што со своите партнери во 11 годишниот режим ја зароби  и опустоши државата има и рецепти како да го спаси светот па со целиот свој умствен капацитет ја советува владата да ги инвестира парите за иновации во македонските институти да откријат час поскоро вакцина против корона вирусот. Така Македонија ќе ја спаси планетата земја и ќе заработи милијарди долари  и ќе се закити со нобелови награди по медицина. Дали ваква будалаштина може да се коментира освен човек да седне и да плаче од мака и  да се крсти со двете раце.

Христијан Мицкоски намесникот на Груевски истовремено  со својот шеф во интервју ја прикрива  својата  голема мака, а тоа е членството на Македонија во НАТО и одлуката  за почнување на преговорите со ЕУ со  најавата дека нашата земја како преговарач за членство  ќе добие помош од Европа за борбата против заканата на човештвото Корона вирусот. Неможејќи јавно да ги признае најголемите порази на ВМРО ДПМНЕ што не учествуваше во овие успеси и што сите кои се определија за компромисите со соседите  за да се дојде до овој историски напредок беа прогласени за предавници и северџани, Мицкоски одлучи да удри по Венко Филипче кој ја врати довербата во македонското здравство и покрај сите тешкотии и слабости со кои се соочува оваа чуствителна дејност која беше запоставена со години.

Мицкоски жизне радосно ни приопштува дека завршува медениот месец на Филипче. Дали некој во Македонија слушнал некој европски политичар било од власта,  или од опозицијата, или некој експерт да даде таква изјава иако веќе таму  има илјадници заразени и починати. Водството на ВМРО ДПМНЕ се однесува како да има епидемија само во Македонија, а не дека се работи за глобална пандемија од која страдаат и најбогатите земји во светот. Неодговорниот политичар  избра многу погрешен начин како со хероите на јавното здравство, кои ги изложуваат своите животи на секојдневна опасност да ги измеша партиските советници, за жал лекари, кои наместо на терен се огласуваат во  медиумите кои работат како партиски  предизборни штабови. Ова е досега невидено и нечуено опструирање на војната за спасување на граѓаните на Македонија од згрозата на нивните животи и на економијата. Неопходни се одлуки со сила на закони кои по прогласувањето на вонредна состојба ќе ги санкционираат и сите обиди за попречување на мерките што ги спроведува владата.

Доколку ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски навистина сакаат да се приклучат во оваа војна со своите човечки и финансиски капацитети најдобар начин е да дадат целосна поддршка на  владата и на своите министри и лекари кои се вклучени од првиот ден  во најголемата акција за спасување на здравјето на граѓаните и на државата што се случила во Македонија и во светот по Втората светска војна.  Поделбите во вонредна состојба  на ваши и наши е најпогубната работа.

Груевски и Мицкоски, ако Бога знаете, не и пејте реквием на Македонија оти таа уште е жива и здрава и ќе го победи и ова планетарно зло. Со ова што го правите само ја зголемувате цената што ќе се плати со човечки животи.