Груби за Груевски: Ни на сон не може да се врати слободен во Македонија!


Фото: Б. Грданоски

Вицепремиерот Артан Груби ги демантира обвинувањата дека измените на Кривичниот законик се направени за политички пазарења за да се обезбедат гласови за уставните измени. Според него, овие измени нема многу да влијаат на обвиненијата покренати од поранешното Специјално јавно обвинителство.

„Ако се анализираат овие два члена и Кривичниот законик во целина, во сите обвиненија на СЈО интервенциите се минорни, особено во случаите на поранешниот премиер Никола Груевски, кој самиот објави пред неколку дена дека има мало влијание врз неговите случаи“, изјави Груби во емисијата „Клан дебата“.

Според Груби, изменетиот член 353 од Кривичниот законик бил само дел од обвинението против Груевски така што е невозможно тој  да се врати слободен во Северна Македонија.

„Никола Груевски со овие измени во Кривичниот законик не може ни да сонува да се врати во Северна Македонија“, рече накратко Груби.

Во однос на уставните измени, тој повтори дека во истиот момент кога ВМРО-ДПМНЕ ќе го притисне зеленото копче министрите на ДУИ ќе поднесат оставки.

„Од прв до последен, во секунда ќе дадат оставки. Ние ќе се повлечеме во моментот кога ВМРО ќе притисне зелено копче за уставни измени и можеме веднаш да одиме на предвремени парламентарни избори или да ги оставиме да владеат 6, 7, 8 месеци, колку сакаат, до следните избори, да докажат дека ја имаат власта и да ги избркаат Албанците од Владата. Се виде дека тоа е проблемот“, рече Груби.