Гротескно против УНЕСКО


ИВАНА НАСТЕСКА

Ние самите сме закана за светското културно наследство, а не сме ни свесни за тоа. Ова ни го кажуваше УНЕСКО минатите години, а годинава повторно нè потсетува. Охридскиот Регион, кој е единственото подрачје во земјава заштитено како светско културно наследство, повторно се загрозува. Во период кога од албанската страна на Охридското Езеро чекаат да ги впишат на листата на заштита, ние од оваа страна очигледно работиме да нè избришат.

Во последниот нацрт-извештај што треба да се разгледува на јулската конференција во Баку, УНЕСКО предлага Охридскиот Регион да биде ставен на листата на културни наследства во опасност од уништување. И само за да направам паралела, ќе споменам неколку светски културни наследства кои веќе се на листата на загрозени и зошто се таму. Пет национални паркови во Демократска Република Конго се впишани на листата на загрозени светски културни наследства. Ваквата одлука е донесена поради војната и граѓанските конфликти во тој регион. Поради воени акции, оштетување претрпела и долината Бамијан во Авганистан, културен пејзаж кој во 2003 година е ставен на листата на светско културно наследство и во истиот момент е ставен на листата на загрозени.

Понатаму, извонредното археолошко и историско наследство на градот Забид во Јемен сериозно се влоши во последниве години и заврши меѓу загрозените. Дури 40 отсто од неговите оригинални и автентични градби на куќи биле заменети со бетонски згради (хмм… звучи познато, иако можеби не конкретно за Охрид).

Старата цитадела и околниот културен предел на иранскиот град Бам, каде што 26.000 луѓе ги загубија своите животи во земјотресот од декември 2003 година, истовремено беше запишан и на листата на светско наследство на УНЕСКО и на листата на светско наследство во опасност. На листата на загрозени се и седум светски културни наследства од Сирија кои беа разрушени во сè уште незавршената војна. Листата содржи вкупно 54 загрозени светски културни наследства, а меѓу нив доминираат сиромашни држави кои не се добро развиени, држави кои се соочуваат со воени конфликти и држави кои немаат капацитети за да се грижат како што треба за културното наследство.

Но, две држави го привлекуваат особено вниманието, а тоа се Австрија и Велика Британија. Австрија „успеа“ да се избори за место на оваа листа пред две години, и тоа со центарот на главниот град Виена, кој е заштитен како светско историско културно наследство. Но, поради претрупувањето на центарот на градот со висококатници, Виена се сместува меѓу загрозените културни наследства. Ливерпул пред седум години исто така е впишан во културни наследства во опасност бидејќи владата решава да спроведе проект „Ливерпул вотерс“, за кој Комитетот за светско културно наследство смета дека значително ќе се изобличи заштитеното подрачје.

На листата на културни наследства во опасност од УНЕСКО има и примери кои биле отстранети оттаму. Такви се случаите со Пакистан и Филипини кога прифатиле применување ефикасни мерки, па ги спасиле градината „Шаламар“ (Пакистан) и оризовите полиња (Филипини).

Сè поизвесно е дека Охридскиот Регион ќе се најде меѓу загрозените наследства, а активистите од Охрид веќе го вперија прстот кон бизнисмените, моќниците, политичарите. Едно време слушавме и како ќе се прави парапетче околу Охридско Езеро, сега чекаме да си се доизгради хотелот кај Лагадин.

За среќа, Македонија не е ниту во војна ниту се случи природна непогода. Но едно е сигурно – самите на себе сме си природна катастрофа.