Грковска: Со „Е-инспектор“ ги зајакнуваме капацитетите на сите инспекциски служби
Преку електронскиот систем за инспекција кој ни овозможува електронско поврзување и работење на сите 28 инспекциски служби што се под надлежност на Инспекцискиот совет, не само што ги зајакнуваме капацитетите на сите инспекциски служби, туку и ја овозможуваме нивната поголема ефикасност во работењето, подобра координираност, а сето тоа во интерес на граѓаните, истакна вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
На денешната презентација на платформата „Е-инспектор“ софтвер преку кој инспекторите ќе можат лесно и брзо да ги добијат сите податоци од другите институции кои им се неопходни за да можат квалитетно и навремено да ја спроведат и завршат инспекциската постапка, вицепремиерката истакна дека на овој начин, преку целосно автономизирање на процесот на распределба на надзорите, контролите на инспекциските служби, се елиминира субјективниот пристап и човечкиот фактор во инспекциските предмети што е од особено значење во отстранувањето на сите сомнежи за субјективно работење и намалување на можностите за корупција.
Шефот на Европската банка за обнова и развој, Анди Аранитаси, на настанот истакна дека со поддршката на ЕБОР, инспекциите во Република Северна Македонија се приближуваат кон добрите практики и стандарди на Европската Унија.
Даниела Рендевска, претседателка на Инспекциски совет на РСМ, кажа дека придобивките од овој систем, како што рече, „се далеку поголеми за субјектите на надзор, отколку за самите инспектори и инспекциски служби“.
– Со целосна имплементација на овој систем, ќе се овозможи намалување на коруптивното и субјективното влијание на инспекторите. Електронската распределба на надзорите како и интегрирањето на листите на проверка ќе обезбедат поголема правна сигурност на субјектите на надзор и поголема предвидливост, рече таа.
Рендевска информираше дека во моментов, Инспекцискиот совет е во преговори со Службениот весник на Република Северна Македонија, со цел да обезбеди пристап до службените весници за сите инспектори да можат да ги користат.
Софтверот и начинот на кој тој функционира Јане Станоевски од „ITgma“ го претстави
Од Инспекцискиот совет за МИА информираа дека првата пилот фаза на системот Е-инспектор, што се спроведува со поддршка на УСАИД Проектот за модернизација на инспекциските служби, е целосно завршена. Во февруари годинава почна реализацијата на втората фаза. Целта е да се развијат модули за вклучување на 13 нови инспекциски служби. Тоа се Државен инспекторат за земјоделство, Државен просветен инспекторат, Државен санитарен и здравствен инспекторат, Државен инспекторат за шумарство и ловство, Агенција за храна и ветеринарство, Државен инспекторат за транспорт, Државен инспекторат за животна средина, Државен инспекторат за техничка инспекција, Државен инспекторат за градежништво и урбанизам, Државен комунален инспекторат, Инспекторат за употреба на јазиците, Државен инспекторат за локална самоуправа и Државен девизен инспекторат.
Во тек на месецов се очекува да започне развојот на модулите за првите три инспекциски служби, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за земјоделство и Инспекторатот за употреба на јазиците, опфатени со Е-Инспектор. Овој систем би бил целосно оперативен во февруари 2024 година, од кога преку него треба да се спроведува инспекциската постапка и надзорот на инспекторите.
Со проектот најавен како алатка во борбата против корупцијата се ветува и фер пристап, односно субјектите кои ги почитуваат законите и плаќаат данок, нема да бидат оптоварени со постојани редовни контроли. Електронски ќе се обезбедуваат сите потребни документи. Ќе може да се вршат и заеднички и координирани надзори од повеќе инспекциски служби во исто време.