Грковска разговараше со Хрватин за реформата на Судскиот совет


 

Шефот на оценската мисија на ЕУ за Судскиот совет, Бранко Хрватин, денеска на вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, ѝ соопштил дека заклучоците од нивната работа ќе бидат поддршка за Македонија во делот на детектирање на слабостите во правосудниот систем. Проценката за местото на Судскиот совет ќе биде добра основа за преземање на натамошни реформски чекори.

Хрватскиот врховен судија е во посета на нашата земја, со цел да направи воведни подготовки во пресрет на оценската мисија на ЕУ, што ќе се реализира во септември и која ќе ја испитува институционалната рамка на Судскиот совет и ќе предложи краткорочни и среднорочни мерки.

 Грковска изразила благодарност за поддршката што нашата држава ја добива од Европската унија, особено во делот на правосудниот систем, кој е клучна алка во справувањето со корупцијата и организираниот криминал. За жал, нагласила Грковска, Судскиот совет како една од најважните институции кој треба да гарантира независност, објективност, ефикасност и квалитет во правосудниот систем, го изгуби кредибилитетот и не може да одговори на задачите кои ги има пред себе.

Според неа, и покрај сите процеси на унапредување на регулативата и јакнење на капацитетите, нема знаци на унапредување на интегритетот кај дел од судиите, кој е предуслов за отпорност на правосудниот систем од сите форми на влијание.

Вицепремиерката Грковска информирала дека во рамките на досегашните активности на нејзиниот Кабинет детектирани се одредени слабости, при што хрватскиот експерт Хрватин нагласи дека секој предлог кој се однесува на подобрување на состојбите во Судскиот совет, а кој произлегол од досегашното практично искуство ќе биде добредојден за анализата што треба да ја подготви експертскиот тим ангажиран од ЕУ.

Грковска и Хрватин се согласиле дека уставно загарантираната независност на правосудниот систем е тесно поврзана со одговорноста, која во овој случај е голема и директно поврзана со интересите на граѓаните.