Грковска: Потребна е ревизија на системот за спортски ваучери за да се обезбеди транспарентност како предуслов за користење на јавните пари


Финансиската помош што државата ја дава за развој и поддршка на спортот преку моделот на спортски ваучери е исклучително важна, но потребна е ревизија на системот за да се обезбеди транспарентност и отчетност, како предуслов за користење на јавните пари.

Ова се дел од заклучоците од денешната конференција „Отворено за корупцијата во спортот – со фокус на мерката ваучери“ што денеска се одржа во Струмица, во организација на заменик претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.

На конференцијата исто така беше посочено дека е потребно да се обезбеди поголем надзор на работата на спортските клубови и федерации, ваучерите да се врзат со резултатите и извештаите, средствата директно да се исплаќаат на клубовите, како и да се обезбеди механизам за родова избалансираност на системот на ваучери.

Исто така, потребно е да се направи компаративна анализа со поразвиените земји со цел да се види какви се искуствата со децентрализација на моделот на ваучери.

Грковска ја нагласи потребата за транспарентност и отчетност, како предуслов за користење на јавните пари во сите сектори.

-Спортските субјекти, пред се спортските национални федерации, треба да бидат свесни дека сите што користат средства од буџетот имаат обврска да даваат отчет за начинот на трошење. Ако сакаме да го вратиме спортот на вистинските патеки, мораме отворено да зборуваме за аномалиите и предизвиците. Ако отворено и гласно зборуваме може да направиме промена и позитивно поместување во системот, зашто промените зависат од сите нас, потенцираше вицепремиерката.

Градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов нагласи дека при законските измени треба да се разгледа можноста за децентрализација на моделот на ваучери, зашто општините имаат увид во активностите на клубовите и нивните резултати.

Дел од учесниците на конференцијата ја нагласија и потребата од координација на Законот за ваучери и на Законот за донации и за спонзорства.

Воведни обраќања имаа министерот за правда Никола Тупанчески, градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов, директор на Агенција за млади и спорт, Наумче Мојсовски како и шеф на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал (UNODC) Бил Вуд. На сесијата учествуваа и истакнати спортски работници од струмичкиот регион.

Конференција беше организирана во соработка со Канцеларијата на ОН за борба против дрогата и криминалот (UNODC).