Грковска најави нова опомена за Груби за користењето на министерството како партиско дуќанче


Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска,  најави дека на вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби повторно ќе му изрече опомена за непочитување на етичкиот кодекс на однесување – поради одржувањето партиски средби на лидерот на ДУИ со Вајмарската тројка во неговиот кабинет. Можни се, како што најавува, и други мерки.

-Жал ми е што, и покрај опомената што ја изрековме првиот пат има повторување на истото. Во тој случај ние, покрај тоа што повторно ќе искажеме опомена ќе го информираме премиерот дека се повторува праксата државни простории да се користат за партиски институции, а тоа воопшто не е  во рамките на одредбите на етичкиот кодекс, туку и во однос на насоките и определбата за поделба на партијата од државата. Треба да бидеме уште повеќе посветени да ставаме јасна дистинкција што е партиска, а што државна активност. Исто така размислувам дали има можности и за други мерки и реакции, но за тоа кога ќе бидам сигурна и кога ќе одлучам што понатаму во овој аспект, посочи Грковска по дебатата на тема справување со корупцијата и заштита на финансиските интереси на државата.

Ваквите опомени досега немаа никакво влијание на Груби на кого за етичкиот кодекс очигледно му е гајле како за ланскиот снег, без оглед што вакви практики не се забележани досега ниту од еден партиски лидер надвор од ДУИ или министер. Уште повеќе ваквото однесување е нешто вообичаено за функционерите на ДУИ (слични епизоди имаше и со Талат Џафери и Бујар Османи, кој на самитот во Струга му беше придружба на Ахмети место на премиерот Димитар Ковачевски и среде најава за санкции од САД и ЕУ го поканија Албин Курти за да го рехабилитираат).    

Запрашана дали има размислувања за идниот статус на министерот за економија Крешник Бектеши по носењето на спорната одлука за спојување на концесиите за Иловица, Грковска посочи дека тој во моментов е на службено патување, и оти во врска со случајот веќе е донесена одлука на Влада со која тој е задолжен на првата наредна владина седница да информира за сите управни и судски постапки поврзани со рудникот, од првата одлука до денеска.

-Министерот беше во работна посета на Вашингтон. Очекувам да ги исполни обврските кои се согласно заклучокот на Владата, а согласно другиот аспект, откако ќе ги разгледаме сите аспекти на прашањето ќе одлучиме што и како ќе постапиме понатака според тоа што се ингеренции на кабинетот, вели вицепремиерката Грковска.