Грковска и Јовески се сретнаа по јавните меѓусебни критики


 

„Средба на помирување“ на вицепремиерката за добро владеење и државниот јавен обвинител.

Откако вицепремиерката Славица Грковска рече дека не се согласува со предлогот Љубомир Јовески да биде кандидат за уставен судија, а јавниот обвинител ѝ возврати дека не е таа што треба да ги оценува неговите квалификации, тие двајцата денес се сретнаа за да разговараат за борбата против корупцијата.

Според соопштението од Владата, Грковска и Јовески разговарале како Јавното обвинителство да ги имплементира забелешките од Извештајот на Европската комисија.

Грковска изразила подготвеност, во рамки на своите надлежности за доброто владеење и унапредување на владеењето на правото, да даде поддршка на активностите на Јавното обвинителство со цел да се надминат нотираните предизвици во Извештајот на ЕК. Таа потенцираше дека јакнењето на интегритетот во правосудниот систем е клучен за јакнење на довербата во правосудството, но и за обезбедување правда и правичност. На обуките за интегритет, но и на сите други обуки треба да се гледа како на инвестиција.

Јовески информирал дека веќе се преземени конкретни чекори за постапување согласно ЕУ препораките, како што е воспоставувањето целосна функционалност на четирите истражни центри во земјава. Тој се осврна  на внатрешни механизми на јавното обвинителство во насока на етичко и професионално постапување на јавните обвинители, како и на донесениот Правилник за оценување на работата на јавните обвинители.

На средбата била истакната и потребата од обезбедување софтверски решенија и соодветен технички кадар заради целосно и непречено функционирање на интероперабилноста.