Грим Вандекеркхов: Само во Битола големиот Данте Спиноти може да ви посака добар апетит


Само во Битола може големиот кинематографер и оскаровец Данте Спиноти да ви се доближи и да ви посака добар апетит и пријатна вечера, истакна на прес-конференција младиот кинематографер Грим Вандекеркхов, импресиониран од учеството на ИФФК „Браќа Манаки“.

На заедничка прес-конференција, младите кинематографери Вандекерхов од Холандија и Сергеј Сарчевски од Северна Македонија, ги претставија своите филмски проекти со кои учествуваат во програмата „Краток филм“.

 

-Големината и предност на овој фестивал е тоа што многу полесно можеш да бидеш во контакт со кинематограферите од различна возраст. Еве синоќа, за време на вечерата, големиот Данте Спиноти ми посака добар апетит и пријатна вечера. Ваква непосредност нема никаде. Втор ден сум во Битола и сеуште ги средувам впечатоците, истакна младиот француски кинематографер Грим Вандекеркхов, кој на ИФФК „Браќа Манаки“ учествува со краткиот филм „Преку водите“.

Македонскиот кинематографер Сергеј Сарчевски во Битола се натпреварува со краткиот филм „Мала шега“.

-Да се учествува на ваков фестивал кој е многу значаен, и е најстариот што е посветен на работата на кинематограферите претставува голема чест и задоволство. За нас генерациски различни, помлади и повозрасни кинематографери е многу важно што сме дел од натпреварот и затоа ние уживаме во тоа, истакна Сарчевски.