Грција се подготвува за отворање на границите за туристи од регионот


Бујар Османи вчера беше примен од целиот државен врв на Грција: од средбата со Никос Дендиас (Фото: Интиме њуз)

Грција се подготвува за отворање кон соседите. Откако беше најавено дека од 15 фебруари се обновуваат летовите меѓу Скопје и Атина, стигаат и информации за скорешно отворање на границите и за туристи од Балканот.

Според она што беше објавено во Грција денес, Грција планира да потпише меморандум за разбирање со Србија со кој ќе се регулираат патувањата меѓу двете земји од 1 мај до 1 октомври. Се предвидува взаемно признавање на електронските сертификати за вакцинација Covid-19 за патувања меѓу двете земји.

„Ова ќе овозможи влез на вакцинирани граѓани од двете земји без ограничувања, додека негативен  ПЦР тест или тест за антиген ќе биде задолжителен за невакцинираните граѓани. Исто така, на границата ќе бидат спроведени случајни брзи тестови “, објави деталји од договорот српската министерка за туризам, Татјана Матиќ.

Од друга страна, пред две недели, македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, во Атина потпиша низа билатерални договори. Притоа тој истакна дека очекува следните месеци, со олеснување на рестриктивните мерки за пандемијата, да имаме зголемува на соработката меѓу нашите две земји, во сите сектори, вклучително и туризмот и инвестициите“.

Грчкиот авиопревозник планира да ги врати летовите меѓу Атина и Скопје во следните 10 денови, а ќе се лета два пати неделно со авион од типот „АТР42“.

Авиоврската беше суспендирана на почетокот на ковид пандемијата лани во март.

Влегување во Грција за мнозинството државјани надвор од Европската унија сè уште не е дозволено. Сепак, земјата се обидува да го олесни патувањето за време на пандемијата Ковид.