Грција отвори нов музеј во центарот на македонската цивилизација во Вергина
Грција го отвори новиот музеј Аигаи во градот Вергина во кој е вклучен целиот археолошки локалитет од центарот на античката македонска култура. Новиот музеј ги обединува Палатата на Филип, кралските гробници и Музејот на кралските гробници.Премиерот Киријакос Мицотакис, кој го отвори музејот, истакна дека тој е „важен придонес за развојот на глобалното културно наследство“ што ги надминува границите на Грција.
„Новиот музеј отелотворува нов динамичен пристап кон археолошкиот локалитет“, рече Мицотакис.
Покрај воведната изложба „Прозорец во светот на Александар Македонски“, Новиот музеј е домаќин и на пет дополнителни изложби фокусирани на архитектурата на реконструираниот дел од палатата, изложба на скулптури и централната изложба „Сеќавања на Аигаи“.Непроценливи антички грчки артефакти се изложени во новиот музеј ,а меѓу најважните остатоци се монументалната палата и гробиштата со повеќе од 300 тумули, од кои некои датираат од 11 век п.н.е. Овој бесценет археолошки локалитет и богатствата откриени таму беа вклучени на листата на светско наследство на УНЕСКО во 1996 година.
Грчкиот археолог Манолис Андроникос ги откри кралските гробници од Големиот Тумул во Вергина (Мегале Тумба) во 1977 година. Највпечатлив од нив е гробот на Филип II (359-336 п.н.е.). Неговото откривање се смета за еден од најважните археолошки настани на векот.
Меѓу богатствата најдени во гробницата беа првите целосни слики од хеленистичкиот период, извонредни сребрени и златни орнаменти и оружје, како и мермерен саркофаг со златен ковчег со коски за кои се верува дека се на Филип.
Палатата на Аигаи, денес позната како Вергина, се смета не само за најголема, туку, заедно со Партенон, за најзначајната античка градба во Грција. Изградена за време на владеењето на Филип II (359 – 336 п.н.е.) палатата е извонредна знаменитост и симбол на моќ и убавина, при што била трипати поголема од Партенон.
