Грција ќе достави барање за учество во механизмот САФЕ на ЕУ за зајакнување на одбраната

Грција, во рамките на програмата „ReARM Europe“, ќе учествува во новиот финансиски механизам САФЕ (SAFE) на ЕУ. Утре официјално ќе го поднесеме нашиот предлог за вклучување во механизмот САФЕ, барајќи ниски каматни заеми во висина од најмалку 1,2 милијарди евра за зајакнување на нашата национална одбрана и грчката одбранбена индустрија, соопшти преку Фејсбук грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Финансискиот инструмент Безбедносна акција за Европа (СЕФЕ), вреден 150 милијарди евра, предвидува поддршка на инвестиции во одбранбеното производство и заеднички набавки за потребите на одбраната на членките на Унијата и на државите партнери, а исплатата на средствата во рамките на САФЕ ќе се врши во форма на долгорочни кредити под поволни услови наменети за конкретни проекти.
Грчкиот премиер, соопштувајќи го учеството на Грција во програмата САФЕ, посочи дека „одбраната и безбедноста на земјата е национално прашање“ и затоа максимално ги користат „достапните европски алатки за поддршка“.
– Нашето вклучување во САФЕ го зајакнува веќе динамичниот план во рамките на Долгорочна програма за одбранбени набавки, која, иако веќе е утврдена на 28,8 милијарди евра, сега се зголемува на 30 милијарди евра за периодот 2025-2036 година. Проширувањето на програмата ја зајакнува грчката одбранбена и технолошка индустрија, создава значајни можности за инвестиции, продуктивни партнерства и нови работни места, ја зголемува домашната додадена вредност и води кон поголема национална автономија, посочи Мицотакис.
Додаде дека „Грција активно учествува во обликувањето на европската одбранбена и безбедносна политика“, но и дека „ова е само почеток“.
Паралелно го повтори неговиот став дека „Европа треба да направи поамбициозен и побрз исчекор, пред да ја надвладее стагнацијата“ и дека треба да создаде Европски инвестициски фонд за клучни стратешки проекти од заеднички интерес, како што е развојот на единствен европски антиракетен штит.
– Инвестираме во националната одбрана затоа што инвестираме во безбедноста, стабилноста и иднината на нашата татковина. И во една стратешки автономна и геополитички зрела Европа, напиша Мицотакис на Фејсбук.