Грчките пратеници вечерва ќе гласаат за доверба на Владата


Во вечерните часови се очекува пратениците да гласаат за доверба на грчката Влада, со што и ќе заврши тридневната расправа во Парламентот, додека на гласањето ќе му претходи обраќање на лидерите на политичките партии, а последен, говор ќе одржи грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Според Уставот на Грција и Правилникот за работа на Парламентот, за Владата да добие доверба, потребно е позитвно да гласаат мнозинството присутни пратеници што не може да биде помало од две петтини од бројот на пратеници односно помало од 120.

Кон средината на јануари, 10 дена пред Ратификацијата на Договорот од Преспа, Ципрас побара доверба од Парламентот за неговата Влада и доби поддршка од 151 пратеник.

Според распоредот на силите во грчкиот Парламент, се очекува вечерва, 152 пратеници да гласаат за доверба на Владата.

Расправата во грчкиот Парламент за гласање доверба на Владата почна во средата попладне со обраќање на премиерот на Грција, Ципрас.

Иницијативата на грчкиот премиер за потврдување на довербата на Владата дојде по поднесениот предлог од лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис за гласање недоверба за алтернативниот министер за здравство на Грција, Павлос Полакис.