Грчките партии на вонредни состаноци ги сумираат резултатите од вчерашните избори
Најголемите грчки политички партии, СИРИЗА, Нова демократија и Движење на промена денеска одржуваат партиски состаноци за да ги разгледаат резултатите од европските и локалните избори одржани вчера, но и за да ги разгледаат следните чекори во пресрет на предвремените парламентарни избори, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот премиер и претседател на СИРИЗА, Алексис Ципрас, вечерва ќе се обрати на состанокот на Централниот комитет и на Изборниот комитет на партијата.
Лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис претпладнево свика состанок со надлежните на различните области во партијата.
Состанок со органите на партијата ќе одржи и претседателката на Движење на промена, Фофи Генимата.
Синоќешните резултати, како од европските, така и од локалните избори, за разлика од СИРИЗА за која беа студен туш, во Нова демократија и во Движењето на промена беа дочекани со позитивни коментари.