Грчките острови ќе се поврзат со копното со хидроавиони


 

Авиокомпанијата „Grecian Air Seaplanes“ најави од септември летови со хидроавиони за да се поврзат грчките острови со копното, користејќи ја приликата која ја отвори издавањето први дозволи за пристаништата за таков вид превоз.

Во почетната фаза флотата ќе опфаќа три хидроавиони со 19 седишта, кои ќе летаат од пристаништата во Јонско Море, а со време нивниот број треба да се зголеми.

Хидроавионите може да функционираат како дополнување на другите превозни средства, меѓу кои траектите и стандардните авиони, а може да служат и за чартер-летови, медицински превоз и услуги за превоз на товар, истакнува Ројтерс.

Грција има богат брег со многу острови долг околу 16.000 киломтери и е идеална за таков вид превоз. Превозниците може да го подобрат пристапот до места кои на туристите не им се достапни или се слабо поврзани со островите, што би го зајакнало туризмот.

„Grecian Air Seaplanes“ соопшти дека со летовите ќе ја пополни трговската побарувачка и подобро ќе ги поврзе островите со копното. Бизнис планот на комапнијата налага комбинација од купување и наем на хидроавиони со оглед на тоа дека за еден авион треба да се издвојат околу седум милиони долари.

Компанијата соопшти дека планира да се прошири со паралелно издавање лиценци на пристаништата на островите во Јонското Море, меѓу кои за Крит, Цикладите, Спорадите и Додеканезите.

Наведуваат дека во бизнисот влегуваат нивните акционери меѓу кои и челникот „Greek Water Airports“, компанија специјализирана за проектирање, градба и лиценцирање на хидроавиони, и превозникот AXIONAIR.