Грчкиот режисер Теодорос Терзопулос е автор на светската порака по повод Светскиот ден на театарот

Може ли театарските рефлектори да фрлат светлина врз општествената траума и да престанат погрешно да ја фрлаат светлина врз себе?


Може ли театарот да го слушне SOS повикот што го испраќа нашето време, во овој свет на осиромашени граѓани, заклучени во ќелиите на виртуелната реалност, вкоренети во нивната загушлива приватност? Во светот на роботизирани егзистенции во рамките на тоталитарен систем на контрола и репресија низ спектарот на животот?

Дали театарот е загрижен за еколошкото уништување, глобалното затоплување, масовната загуба на биодиверзитетот, загадувањето на океаните, топењето на ледените предели, зголемувањето на шумските пожари и екстремните временски појави? Може ли театарот да стане активен дел од екосистемот? Театарот го набљудува човековото влијание врз планетата многу години, но тешко му е да се справи со овој проблем, се вели во светската порака по повод Светски ден на театарот – 27 Март што ја упати грчкиот театарски режисер, едуктор, автор, основач и уметнички директор на Аттис – Театарска компанија, инспиратор на Театарската олимпијада и Раководител на Меѓународниот комите на Театарската олимпијада – Теодорос Терзопулос

Дали театарот е загрижен за човечката состојба, каква што се обликува во 21 век, каде што граѓанинот е манипулиран од страна на политичките и економските  интереси, медиумските мрежи и компании за формирање на мислење? Каде што социјалните мрежи, колку и да го олеснуваат тоа, сепак се големото алиби за комуникација, бидејќи тие ја обезбедуваат потребната безбедна дистанца од Другиот? Сеприсутното чувство на страв од Другиот, различниот, Странецот, доминира во нашите мисли и дела.

Може ли театарот да функционира како работилница за коегзистенција на разликите без да се земе предвид траумата од крварењето?

Траумата од крварењето не повикува да го реконструираме Митот. И со зборовите на Хајнер Милер „Митот е агрегат, машина со која што можат да бидат поврзани некои нови и различни машини. Ја пренесува енергијата додека растечката брзина не го разнесе културното поле” и би додал, полето на варваризмот.

Може ли театарските рефлектори да фрлат светлина врз општествената траума и да престанат погрешно да ја фрлаат светлина врз себе?

Прашањата кои не дозволуваат конечни одговори, бидејќи театарот постои и опстојува благодарение на неодговорените прашања.

Прашањата предизвикани од Дионис, поминувајќи низ неговото родно место, оркестарот на античкиот театар, и продолжувајќи го своето тивко мигрантско  патување низ пејзажите на војната, денес, на Светскиот ден на театарот.

Ајде да погледнеме во очите на Дионис, екстатичниот бог на театарот и митот кој ги обединува минатото, сегашноста и иднината, дете на две раѓања, од Зевс и Семела, изразувач на флуидни идентитети, женски и машки, лути и љубезни, божествени и животински, на работ помеѓу лудилото и разумот, редот и хаосот, акробат на границата помеѓу животот и смртта. Дионис поставува фундаментално онтолошко прашање: „За што ли се работи?”, прашање кое го води творецот кон подлабоко истражување на коренот на митот и повеќеслојните димензии на човечката енигма.

Потребни ни се нови наративни начини насочени кон култивирање на сеќавањата и обликување на нова морална и политичка одговорност, да произлезат од многуте лица на диктатурата, на денешниот среден век.

Превод од англиски на македонски јазик – Иванка Апостолова Баскар (Раководител на Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА)

Терзопулос е познат грчки театарски режисер, еден од лидерите на европската сцена, театарски теоретичар и учител, творец на свој метод на глумење. Тој е меѓународен експерт во глобална сфера во поставка на старогрчките трагедии. Се смета за еден од водечките театарски режисери во Грција. Во 1985 година го основал театарот АТИС во Атина и организирал фестивал посветен на античките времиња во Делфи. Во 1990 година го основал, а потоа и го водел Меѓународниот институт за медитерански театри. Многу сценски поставки на режисерот добиле престижни театарски награди. Од 1993 година Терзопулос е претседател на Меѓународниот комитет на Театарските олимписки игри.