Грчкиот министер за внатрешни работи на средба со Заев, соседите имаат нови односи


Меѓу Македонија и Грција последниве две години има ново поглавје во односите, оценија денеска премиерот Зоран Заев и грчкиот министер за заштита на граѓаните Михалис Хрисохоидис. Според соопштението од Владата, било заклучено дека соработката меѓу државите оди во нагорна линија во последниве две години.

На Заев му била пренесена пораката дека Грција продолжува да ги поддржува аспирациите на нашата држава кон Европската унија, во рамки на важечките договори и добрососедските односи и дека има определеност Атина да има водечка улога на патот на земјава кон ЕУ. За таа цел, соопштено е дека има политичка поддршка, но и заинтересираност за техничка поддршка на тимовите од Северна Македонија коишто ќе работат на поглавјата во рамки на пристапниот процес кон ЕУ.

Премиерот Заев дека е зголемен интересот на грчки инвеститори во нашата држава, посебно во областа на енергетиката, како што е интересот за ХЕЦ „Чебрен“, за ТЕЦ „Неготино“, или обратно, вклучувањето на нашата држава со 10-процентно учество во стратешкиот проект за природен гас во Александрополис.

„Граѓаните и компаниите веќе ги чувствуваат бенефитите од зајакнатата соработка по Договорот од Преспа, а пред нас е голем потенцијал за натамошно унапредување на односите, како на политичко ниво, така и на цивилно ниво“, рече премиерот Заев.

На состанокот, на кој присуствувал и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, било разговарано заедничко дејствување во борбата против криминалот и корупцијата, нелегалната миграција, безбедноста на граѓаните. Посочена била и посветеноста кон отворањето два гранични премина кај Преспа, Маркова Нога и Мајден.

На средбата е разговарано и за меѓусебната помош и поддршка во справувањето со последиците од пандемијата.