Грчкиот брод дел од меѓународната иницијатива Global Sumud Flotilla отплови од островот Сирос за Газа


 Грчкиот брод со името „Оксигоно“ (симболично име што значи „Кислород“), дел од меѓународната иницијатива „Global Sumud Flotilla“, односно конвојот со хуманитарна и политичка порака, чија цел е да ја пробие израелската блокада кај Појасот Газа, синоќа отплови од грчкиот остров Сирос, јави дописничката на МИА од Атина.

Заедно со „Оксигоно“ е и придружниот брод „Илектра“, а непосредно пред да отплови, на пристаништето на Сирос се одржа и голем собир за поддршка со големи палестински знамиња и слогани „Слобода за Палестина“.

Дел од глобалната флотила се над 40 брода од 44 земји, а главната цел е да се испрати порака на солидарност до народот на Газа и да се придонесе за отворање хуманитарен коридор.

– Почнува големото патување на хуманоста и солидарноста. Сирос, ти благодариме. Нашите очи се насочени кон Газа, нашите очи се насочени кон бродовите, нашите очи се насочени кон флотата. Газа, доаѓаме – Слобода за Палестина, напишаа организаторите на социјалните мрежи.

Грчкиот брод што пренесува и хуманитарна помош за Газа, првично беше планирано да отплови на 7 септември, меѓутоа поради временските услови беше презакажано за вчера.