Грчки министер поднесе оставка поради смртта на патник на траект

Милтијадис Варвициотис предизвика гнев во јавноста изразувајќи сочуство со екипажот кој го турна патникот во морето


 

Грчкиот министер за трговска морнарица поднесе оставка поради смртта на патникот со траект кој, наводно, бил турнат во морето минатата недела.

Милтијадис Варвициотис предизвика бес со тоа што се појави да изрази сочувство за членовите на екипажот обвинети дека го турнале патникот во телевизиски коментари, кои главната опозициска партија ги опиша како „нехумани“.

Видеото кое стана вирално покажа дека 36-годишниот Андонис Каргиотис трча кон товарната рампа на траектот во атинското пристаниште во вторникот и членовите на екипажот го запираат и го туркаат назад три пати.

Каргиотис паднал во морето, а и покрај тоа што патниците врескале дека е во вода, траектот тргнал според првично планираното. Неговото тело на крајот било извлечено од водата.

Капетанот на траектот и тројца членови на екипажот се соочуваат со кривична пријава за смртта на Каргиотис.

Во првата изјава на телевизискиот канал Отворено во средата, Варвициотис рече: „Има кои жалат за жртвата и оние кои жалат за луѓето кои работат за плата … и сега се обвинети за убиство“.

Опозициските партии, вклучително и левичарската партија Сириза, ги осудија забелешките.

Под притисок, министерот ги повлече своите коментари подоцна во средата, велејќи: „Се извинувам ако ненамерно згрешив“. Тој потоа напиша на социјалните мрежи дека „Антонис и неговото семејство се главните жртви на оваа трагедија“.

Во неговото писмо со оставка, објавено на интернет во понеделникот, тој рече дека „убиството на Андонис Каргиотис од страна на членовите на екипажот на [фериботот] ‘Блу хоризонт’ нѐ шокираше сите нас“.

Портпаролот на владата рече дека премиерот Киријакос Мицотакис ја прифатил оставката на Варвициотис (54), пратеник од владејачката десничарска партија Нова демократија. Него ќе го замени Христос Стилијанидис, пратеник и поранешен министер, соопшти владата. (АФП)