Грчката амбасада од Техеран преместена во Баку


Атина – Имајќи ја предвид и влошената ситуација на терен и проценувајќи ги безбедносните услови, беше донесена одлука нашата амбасада од Техеран да биде преместена во Баку, во Азербејџан, рече портпаролката на Министерството за надворешни работи на Грција Лана Зохиу на денешниот брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

За ситуацијата на Блискиот Исток, Зохиу ја изрази загриженоста на Грција за „дополнителната воена ескалација и ширење на конфликтот“.

– Ги повикуваме сите страни да покажат максимална воздржаност за да се избегне понатамошно проширување на ситуацијата што носи сериозни опасности за регионалниот и меѓународниот мир и безбедност. Сите страни треба да работат на повторно активирање на кредибилни канали за дијалог и на враќање кон суштински преговори, со цел да се избегне дополнителен конфликт, рече портпаролката на грчкото МНР.

Паралелно, повтори дека Грција од самиот почеток ја изразила својата загриженост за нуклеарната програма на Иран и посочи дека „целосниот надзор врз програмата претставува предуслов за стабилноста во регионот.“

Во однос на репатријацијата на грчки државјани од кризните подрачја, објасни дека од првиот момент беше активирана Единицата за управување со кризи во Министерството за надворешни работи што работи 24 часа и седум дена во неделата за помош на Грците, а веќе околу 2.000 грчки државјани и членови на нивните семејства се безбедно вратени од Обединети Арапски Емирати, Израел, Ерусалим, Катар, Кувајт, Бахреин и Оман.

За грчките морнари, нагласи дека се во континуирана комуникација со Министерството за поморство и нивната безбедност, како и безбедноста на грчките бродови е главен приоритет и потврди дека во поширокиот морски регион на Оман се наоѓаат повеќе бродови од грчки интерес, а еден од нив вчера беше цел на напад.

-Од последната комуникација што ја имавме пред неколку часа (со Министерството за поморство), во Персискиот Залив се наоѓаат десет грчки бродови со 90 грчки морнари. Министерството за поморство и островска политика на Грција постојано комуницира со нив и потврдува дека се безбедни и во добра здравствена состојба. Не е поднесено барање за репатријација, рече Зохиу.