Граѓаните со преставки до АВМУ за непрофесионалните известувања од убиствата во Србија
Имајќи ги предвид неодамнешните случувања во Србија, како и претставките кои македонските граѓани ги упатуваат за начинот на информирање, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги повикува сите медиуми, при известувањето за трагични настани, да се придржуваат до највисоките професионални стандарди и етички вредности. Ова особено се однесува на информирањето за настани во кои се вклучени малолетни лица кои се сторители или жртви на кривични дела.
Вестите и информативните програми не треба да се темелат на сензационализам туку треба да содржат проверени информации. Вклучувањето описи, сцени и/или глетки на насилство или друг материјал којшто може да го загрози физичкиот, психичкиот и моралниот развој на децата и младите, мора да биде засновано на одговорна уредничка проценка за неопходноста на нивно прикажување. Професионалната одговорност подразбира и дека жртвите на насилство треба да се третираат со максимална почит и да се води сметка за заштита на приватноста, човековото достоинство, како и личната болка и жалост на жртвите.

Покрај медиумите и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи треба да покажат максимална општествена одговорност при реемитување сервиси кои содржат програми со насилство, вулгарен говор и други непримерни содржини кои лошо влијаат врз малолетниците и генерално, можат да ја вознемират општата јавност со таквите содржини. Тоа значи дека треба да бидат особено внимателни при одлучувањето какви сервиси ќе реемитуваат и да применуваат најстроги технички мерки за родителска контрола, се наведува во соопштението од АВМУ.

Главна вест денес се токму дел од македонските медиуми кои пред неколку дена објавија дека од срцев удар починал Радиша Блажиќ, таткото на убиецот од Младеновац, за да денеска истите тие да објават дека „е уапсен Радиша Блажиќ (58), таткото на убиецот Урош Блажиќ, кој е осомничен за убиство на осум лица“, бидејќи веста ја презеле непрофесионално и од некредибилни „жолти“ извори.