Грантови за развој на мултикултурализмот ќе добијат 70 основни и 25 средни училишта


Фото: Б. Грданоски

 Седумдесет основни и 25 средни училишта во државава ќе добијат грантови за реализација на активности кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикулурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранција во основните и средните училишта за учебната 2021/2022 година.

Министерството за образование и наука на својата веб-страница ги објави резултатите од Јавниот повик за доделување средства со цел да се промовираат добри практики и активности во кои се негуваат хармонични односи врз основа на почитување на различностите.

На листата на основни училишта кои ќе добијат грантови, според бодови од рангирањето има седумдесет од 40 општини, од кои осум се скопски општини, а на листата на средни училишта – од вкупно рангираните 25, осум се од Скопје, а останатите училишта се од 14 општини во земјава.

Активностите за кои ќе добијат грант повеќето од избраните основни училишта ќе ги реализираат во партнерство со други училишта, а неколку – самостојно.

Во објавата на резултатите со двете листи на училишта, МОН наведува дека со изградба на мултиетничко и мултикултурно општество се овозможува градење современи, успешни и ефективни воспитно-образовни установи кои ќе ги промовираат мултиетничките и мултикултурните вредности, индивидуализираниот пристап кон учениците, позитивна емоционална клима и конструктивна повеќенасочна комуникација во пријатен и поттикнувачки училишен амбиент.