„Гранит“ објави оглас за 105 нови вработувања, плата до 60.000 денари
Возачи за разни видови градежни машини, градежни техничари, инженери за бетонски работи, багеристи, градежни инженер, градежни работници тесари… или вкупно 105 нови вработени бара Градежната компанија „Гранит“, преку оглас што е објавен завчера на интернет страницата на вработување.ком.мк.
Како што пренесе Сопанската комора на Македонија, ГД „Гранит“ АД – Скопје, како општествено одговорна компанија, објави оглас за 105 нови вработувања на различни работни позиции на повеќе капитални проекти на кои е ангажирана компанијата, меѓу кои и изградбата на експресниот пат, лот 2: изградба на делницата Крива Паланка – Длабочица, објектот Деве Баир – Крива Паланка, мостот „АСНОМ“ и автопатот Скопје – Блаце, прва фаза.
Изминатиот период компанијата продолжи да работи во услови на вонредна состојба, доследно почитувајќи ги препораките и мерките за справување со корона вирусот Ковид-19 и објави соопштение дека и покрај тешкотиите во работењето нема да отпушти ниту еден вработен.
Инаку, платите се во зависност од работната позиција, а достигнуваат и до 60.000 денари, како што е за работното место инженер-изведувач за бетонски работи во зависност од работното искуство. Огласот е отворен до 14 овој месец.
Главните активности на „Гранит“ се градежни активности од областа на високо и нискоградбата, со претежна концентрација на капиталните проекти – изградба на патишта и автопатишта кои се обемни и знајчани како по нивната големина, така и по нивната сложеност.