Гран при за холандскиот „Јас не сум робот“ на 20. „Астерфест“ во Струмица


 На јубилејното 20. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ во Струмица, жирито едногласно ги избра најдобрите филмови од натпреварувачката селекција. Гран при за најдобар краток филм го доби холандскиот „Јас не сум робот“ на Викторија Вармердам, а наградата ја прими амбасадорката на Холандија во Македонија, Н. Е. Узлем Џанел. Филмовите ќе бидат прикажани вечерва со почеток од 20:30 часот во Амфитеатарот во Струмица.

Македонскиот „Избор“ на Марко Црногорски ја освои „Златната потковица“, „Сребрената потковица“ ја доби „Сок од портокал“ на Александар Атане, а „Бронзената потковица“ ја понесе „Еј, Ханун“ од Лина Тадун и Софијан Шуеб.

Наградата за најдобро сценарио „Ѓорги Абаџиев“ ја доби хрватскиот „Самотија“, а за најдобар режисер „Ацо Алексов“ беше избран „Турбо-нет“ на Надежда Панов.

Специјални признанија добија „Состојба на умот“ на Александра Кардалевска и „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска, додека, наградата од публиката ја освои „Мечокот по име Војтек“ на Ијан Гарднер.

Во рамки на фестивалот беа прикажани и филмовите „Лена и Владимир“ на Игор Алексов и „Писмо“ на Васил Христов, а се одржа и филмска посета на Манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“ во Велјуса, како и промоција на нови изданија од филмолошка и уметничка литература во „Јуроп хаус“