Граѓанското општество во ЕУ бара темелните права да се стават пред профитот


 Денеска започнува кампањата “Правдата е сечиј бизнис“, сто граѓански организации бараат од ЕУ да изврши притисок врз приватните компании кои ги уништуваат човековите права и животната средина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Меѓу организациите кои учествуваат во оваа нова кампања има звучни имиња како Амнести Интернешнл, но и синдикати како Европската Конфедерација на синдикати. Сите заедно бараат да се стави на крај на експлоатацијата на работниците и на животната средина во име на профитот, но и да се спречат овие фирми да соработуваат со режими кои ги прекршуваат основните човекови права низ светот.

-Крај за експлоатацијата, крај за уништувањето на животната средина, крај за нефер бизнис праксите од страна на европските компании, ова се барањата на кампањата “Правдата е сечиј бизнис“.

Шефот за меѓународен бизнис и човекови права во Амнести Интернешнл, Марк Думет, порача дека приватните бизниси мораат да даваат отчет и да прекинат да ја уништуваат планетата.

-Построги стандарди се потребни, рече Думет, додавајќи дека големите приватни компании експлоатираат работници, вработуваат деца, создаваат штета врз животната средина и со тоа ја засилуваат еколошката катастрофа во светот.

Граѓанското општество ја критикува ЕУ поради тоа што на маса стави нов закон кој има декларирана цел да ги спречи компаниите да вршат злоупотреби врз луѓето и природата, но овој предлог закон содржи преголеми дупки кои нема да доведат до ефективна правда, велат организациите.

-Доминантниот бизнис модел на “профитот е крал“ ги уништува нашата сегашност и иднина. Кога луѓето се здружуваат како противтежа, можеме да го смениме балансот на моќ. Во спротивно ЕУ лидерите ќе слушаат само тоа што лобијата на големите корпорации ќе им кажат“, изјави Клаудија Селер, директорка во Европската Коалиција за корпоративна правда.

Од страна на синдикатите велат дека “ЕУ мора да преземе одговорност и да ги постави идните светски стандарди за повеќе корпоративна отчетност, одговорно однесување на бизнисите и да обезбеди подобар и слободен пристап до правдата, вклучително и за синдикатите“, изјави Изабел Шоман од Европската Конфедерација на синдикати.

Според истражувањата на јавното мислење во девет земји членки на ЕУ, над 80 отсто од граѓаните сакаат строги закони за отчетност на приватните компании во однос на уништувањето на животната средина и прекршувањето на човековите права.