Граѓанските организации бараат оставки од сите членови на Судскиот совет


Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата бара оставки од сите членови на  Судскиот совет и формирање друг состав, со образложение дека последните настани докажале дека ја загубил легитимноста да биде тело што ќе ја штити судската независност.

– Веќе втора недела јавноста сведочи како Судскиот совет континуирано отстапува од Законот за Судскиот совет и од стандардите за транспарентно и отчетно работење на оваа институција – велат од Платформата и потсетуваат дека на 4 мај годинава, Судскиот совет соопштил дека е закажана седница само 15 минути пред нејзиниот почеток, а тој ден известил дека во меѓувреме се одржале две седници на кои јавноста била исклучена. Ова, според Платформата, било направено надвор од законските основи за исклучување на јавноста, како и без следење на процедурите за исклучување и без образложение на причините за тоа.

– На јавната седница не беа усвоени записници од претходните седници, ниту беше реферирано што се случувало на седниците на кои јавноста беше незаконски оневозможена да присуствува, туку Советот продолжи со избор на нов претседател како јавноста веќе да е запознаена со сѐ што се случувало претходно на нејавните седници – потенцираат во соопштението.

Од Платформата додаваат и дека отстранувањето на телевизиските камери од седницата на Судскиот совет во вторникот е „дополнително намалување на транспарентноста на Советот“.

Денеска  претседателот на Здружението на судии, Џемаили Саити, и  претседателот на Советодавното тело за судиска етика Шпенд Деваја остварија средба на која разговарале за состојбите во судството и за актуелните случувања во Судскиот совет. Било констатирано дека се неопходни итни законски интервенции во Законот за судски совет и воспоставување видливи и ефикасни механизми за утврдување евентуална одговорност, односно отповикување на членовите на Советот.