„Граѓанска војна“ или комитска игра во ВМРО-ДПМНЕ
ЉУПЧО ПОПОВСКИ
Секојдневните напади од исклучените од партијата нема да му нанесат некоја посериозна штета на Мицкоски доколку тие не анимираат сериозна група внатре во структурите. Затоа, неговото лидерство во овој момент изгледа стабилно. Работите за Мицкоски би можеле да се влошат доколку Заев лесно формира влада
Утре на конститутивната седница на новото Собрание пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе замине мислејќи на две работи – како да го задржи единството во клубот, а во исто време да се надева дека нивното лидерството навистина ќе ги најде таинствените патишта да формира владино мнозинство и со тоа да ја амортизира тензијата во партијата. Меѓу оние што ќе седнат во разретчените пратенички клупи во големата сала под куполата ќе ги нема нивните најискусни пратеници, како Илија Димовски, Влатко Ѓорчев и Трајко Вељаноски, или пак темелниот Драган Цуклев. Новиот состав, во најголем дел со мало политичко искуство, ќе треба да одговори на моментот и да го зацврсти бедемот околу лидерот на партијата Христијан Мицкоски, во времето кога ударите против него однадвор се нижат. Мицкоски, поради неговата лоша политичка калкулација, остана надвор од парламентот, верувајќи дека премиерското место не може да му избега по овие избори, па така наместо да ја раководи работата на силната пратеничка група од собраниските клупи ќе ги чека телефонските повици од верните аѓутанти осамен во пространата палата.
Веројатно Мицкоски во овој момент има повеќе грижи околу тоа дали направил грешка што не беше на листите и во наредните години нема да седи во пратеничките клупи. Прашањето за него е дали во наредните месеци воопшто ќе седи во претседателскиот кабинет во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Доколку се оценат реакциите по поразот на изборите тој во основа не би требало да биде многу загрижен, затоа што тие доаѓаат од луѓе кои иако биле високи државни и партиски функционери изминативе години, сега тие не се ни членови на ВМРО-ДПМНЕ. Тие беа избркани од партијата во чистка која тогаш беше претставувана како некаква катарза. Сегашните Извршен и Централен комитет се исполнети со лојалисти на Мицкоски, па во оваа фаза е тешко веројатно дека овие структури би се охрабриле на внатрешен пуч.
Некои велат дека ова што сега се случува во ВМРО-ДПМНЕ е своевидна „граѓанска војна“ во партијата, други пак велат дека судирот е вештачки потхрануван за, всушност, Мицкоски да ја задржи контролата врз структурите на партијата. Никола Тодоров, Филип Петровски, Сашо Мијалков, Митко Јанчев, Ивица Коневски, Никола Попоски, Даниела Рангелова исфрлија многу отровни стрели, но прашање е дали тие (освен неколку) беа навистина насочени кон Мицкоски. Поранешниот член на реформаторското крило во партијата, Петар Богојески, тврди дека нападите во низа на Мијалков врз Мицкоски се своевидна „комитска игра“ кои треба да му послужат на лидерот да ја зацврсти својата позиција. „Тоа е продолжување на она наивно сценарио за новодното ‘исклучување’ на господинот Мијалков од партијата“, вели Богојески. Тој додава дека Мицкоски ревносно ги исполнувал задачите што ги добил од Груевски, Мијалков и Протуѓер.
Можеби е така, но кој би се осмелил да даде оценка дека тоа се навистина вешти измислици во вмровскиот ројалистички двор. Сашо Орданоски пишуваше дека три групи во партијата војувале меѓу себе за превласт во структурите. Сигурно има некоја вистина во тоа, но дали е таа целата вистина. Секојдневните напади од исклучените нема да му нанесат некоја посериозна штета на Мицкоски доколку тие не анимираат сериозна група внатре во структурите. Мицкоски можеби е посериозно загрижен од нападите на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој едно време беше и потпретседател на партијата, затоа што тој може да привлече одредена група зад себе. Но со неговите невнимателни и прилично нестрпливи изјави од типот дека ќе го „преземе ВМРО-ДПМНЕ“ за да ја европеизира партијата повеќе му одмагаат отколку што мобилизираат. Тие покажуваат политичка наивност која може да изгори уште пред да се запали. И го отсликуваат хендикепот кога не си во важните борбени формации каде се одвива пресметката, туку делуваш од страна, повеќе телефонски.
Било да се нарече граѓанска војна или комитска игра, сепак некои важни работи се тркалаат во вмровските редови. Интервјуто на Мицкоски за Телевизија Алфа и неговиот говор во струшко Ташмаруништа за Илинден покажуваат дека некој веќе поставил борина под фотелјата на која седи тој само уште треба да се фрли чкорче.
Во интервјуто на Алфа тој велеше дека во партијата „следуваат големи промени“ затоа што „голем број партиски функционери со тек на време се заситуваат од работните обврски, односно не го даваат својот максимум“, иако поминаа малку повеќе од две години откако тој го именуваше својот потесен и поширок тим околу него. Дали тие се „заситиле од работните обврски“ затоа што партијата не победи на изборите веројатно е клучното прашање. Тој уште најави дека „следи голема катарза којашто ќе зафати прилично голем дел од структурата“. Тоа би требало да значи катарза по катарзата што еднаш беше соопштена при исклучувањето на многу видни членови. Се разбира, во таа катарза тој не се гледа самиот себеси.
Во говорот во Ташмаруништа наместо силина тој покажа своевидна слабост, поистоветувајќи се не само со партијата туку и со Македонија. Тоа може да биде знак дека работите што се случуваат во партијата не се наивни и дека тие се разбуричкуваат со секој поминат ден и ако Зоран Заев успее лесно да формира влада може да се претворат во вистинска бура. Мицкоски говорот во Ташмаруништа не го посвети за програмски визии за иднината, туку за пресметка со оние што зборуваат против неговото лидерство.
Тој на Илинден рече дека ако поднесел оставка ќе ја „изневерел Македонија“. Поистоветувајќи се со целата партија, Мицкоски изјави дека „јас сите вас ќе ве разочарам ако се откажам сега, и така ќе ве разочарам од прв до последен, а уште поважно ќе ја изневерам Македонија. А јас не сум тоа. Никогаш нема да ве разочарам, ниту да ја изневерам државата“.
Обраќајќи им се на критичарите во партијата кои бараат негова смена по поразот на парламентарните избори, тој изјави дека „лажни величини се воздигнуваат на ранг на морални судии, а кои по својата основа се гнили, погрешни примери“. Проширувајќи го опсегот на тие „величини“, Мицкоски нагласи дека „самопрогласените морални судии се трудат да наметнат погрешна слика за работите и затоа ви се чини ненормалното нормално, неморалното за морално, но кога ќе гребнете на површината се гледа подлабоко очајот на власта и нивната гола желба за личен конформизам и владеење“.
Тој му се извини на „народот“ за „постапките во минатото“ на оние што сега го критикуваат и уште ги нарече „појаничарени јуришници на власта беа и товар на партијата“. Тој се извини за оние што сега го критикуваат, но никогаш не собра сили да каже некој лош збор за Груевски, дури и каква било оценка за него, а оние што влегоа во Собранието и лееа крв таму ги нарекуваше патриоти, неправедно осудени во „политички процес“, па еднаш бесмислено го спореди со Нирнбершките судења. Очигледно, тие луѓе чии структури сега уште се неговите главни центурионски легии, го одржуваат на позицијата во партијата.
Конститурирањето на Собранието ќе донесе два важни процеси среде летните жештини. Едниот ќе биде за Зоран Заев кој сега ќе мора да ги најде патиштата за да формира стабилна влада и да одигра комплицирана политичка игра. Вториот е што е она што ќе се изроди од ферементирањето во ВМРО-ДПМНЕ. Во секој случај, политички ќе биде мошне возбудливо.