Граѓаните сега не ќе можат ни да се жалат на урбаната мафија, власта го укинала тоа право

Независното движење „Шанса за Центар“ денес објави дека мнозинството во Собранието го избришало членот 62-а во Законот за градење, со што соседите на парцелата на која се гради ја губат можноста за жалба и поплака.
„Градење без коментирање: Олигархијата ги затвора „дупките“ во законите и истовремено ги затвора устите на граѓаните. Мнозинството во Парламентот го избриша членот 62-а во Законот за градење.Со тој член се овозможуваше реакција и жалба ако непосредниот сосед смета дека имотот му се обезвреднува, или ако му се нарушува квалитетот на живот, познато како „соседско право“, реагираат од Шанса за Центар.
Минатата недела, владејачкото мнозинство го укина членот 62-а кој предвидуваше за секое одобрување за градење да им се дадат 15 дена на газдите на соседните парцели до која треба да се гради, да извршат увид во градежниот проекти и евентуално да поднесат жалби.
Министерот за транспорт, но и градоначалници и од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ велат дека измената е добра бидејќи биле затрупани со неосновани жалби поради инает, нарушени меѓусоседски и семејни односи, кои ја кочеле изградбата. Го делат и ставот дека правото на приговор и жалба при јавна анкета на Детален урбанистички план е доволно за исполнување на т.н. соседско право.