Граѓаните наскоро ќе можат да инсталираат фотоволтаични централи на крововите

Премиерот Димитар Ковачевски потврди денес дека се подготвува ново законско решение со кое ќе им се овозможи на граѓаните полесно и поедноставно да инсталираат фотоволтаични централи на крововите.
„Тоа прво треба да ги олесни градежните процедури за изработка на централа и тоа законско решение ќе се најде пред пратениците во текот на следниот квартал”, рече Ковачевски.
Премиерот посочи дека правилата за приклучување, кои исто така се во надлежност на Министерството за економија и на кои се работи, ќе обезбедат електричната енергија, за разлика од сега, да биде преземена од дистрибутерот на електрична енергија. Министерството за финансии веќе работи на подзаконски акт за да може да се воведе категоријата на даночен застапник при што ќе се олесни на дистрибутерот на електрична енергија да може да ја презема и да издава фактура на домаќинството кое не е даночен обврзник.
Дополнително во Осломеј е пуштена првата фотоволтаична централа од 10 мегавати и таму веќе се во подготовка проектите за почеток на реализација на уште две од по 50 мегавати фотоволтаични централи и уште една од 10 мегавати која ќе биде во сопственост на АД ЕСМ, а другите две по 50 мегавати ќе бидат на приватни инвеститори – едниот од Бугарија, другиот од Турција, кои како јавно-приватно партнерство ќе ги изградат на старите наоѓалишта во Осломеј.
На аукции веќе се изработуваат фотоволтаични централи, во поголем капацитет бидејќи во неколку години наназад се избрани инвеститори кои инвестираат сопствени средства.
Со тие три решенија, како и со зголемување на постојниот капацитет од 4 киловати на 6 киловати, колку што е предлогот, како и со дуплирање на капацитетот за компаниите кои сакаат да стават вакви уреди на своите кровови ќе се олесни постапката, односно ќе има постапка која ќе биде идентична со постапката и процедурите во западноевропските држави каде најголемиот број од нас имале можност да видат дека во најголемиот дел од покривите се инсталирани фотоволтаични централи.