Граѓаните на Србија потрошиле 2,5 милијарди евра за нерегистриран недвижен имот


Иако граѓаните и фирмите во Србија лани издвоиле рекордни 7,5 милијарди евра за купување недвижен имот, дури третина од таа сума е потрошена за нерегистрирани станови, куќи и други објекти, пренесува СЕЕбиз.

Прометот на недвижен имот кој не е евидентиран во катастарот е голема црна точка на имотно-правните односи над недвижностите во Србија, но не и единствена, бидејќи правна несигурност создаваат и други процедури од оваа област.

Нерешените сопственички прашања, дивоградбите и долгите и скапи административни процедури кочат голем број инвестиции во земјата. Затоа НАЛЕД со поддршка на Шведската агенција за меѓународен развој (Сида) во наредните три месеци ќе изготви сеопфатна студија со предлог решение за подобрување на постапката за запишување во катастар, легализација, евидентирање на јавен имот, реституција, експропријација, консолидација, пренамена и други постапки.

– Во катастарот на недвижности се запишани 4,9 милиони објекти, но речиси идентична бројка не е евидентирана. Меѓу нив има повеќе од 2,7 милиони имоти кои ги исполнуваат условите да бидат запишани, но нивните сопственици не го сториле тоа или не сакаат, додека два милиони дивоградби не се запишани во катастарот, кои прво мора да се легализираат. Решението за двете групи е поедноставна и дигитализирана процедура, со помала документација и помали трошоци. Нерешените барања во катастарот кои се доставени врз основа на некомплетна документација, документи кои не се извршни за запишување или заостанати барања за запишување права на недвижности поднесени пред 2018 година се голем товар за понатамошно инвестирање во недвижен имот. Имајќи го во предвид евидентниот недостаток на кадровски капацитет во Републичкиот геодетски завод, неопходно е да им се овозможи на претставниците на заинтересираните правосудни професии, пред се на нотарите, но и на јавните извршители и адвокатите да дадат свој придонес и да им помогнат на службите на катастарот во решавањето на заостанатите случаи – вели Јасмина Радовановиќ, раководител на Имотната единица и инвестиции во НАЛЕД.

Студијата има амбициозна цел, да понуди решенија за конечна и успешна транзиција на имотните односи над недвижностите во Србија, од општествена во приватна сопственост. Тоа подразбира измени на постојните и донесување на нови закони, како и елиминирање на институциите кои го отежнуваат режимот на прометот бидејќи припаѓаат на старите времиња, меѓу кои се и правото на користење на недвижен имот, давачки кон државата итн.

Голем сегмент од сеопфатната студија ќе биде посветен и на редефинирање на даночната политика на недвижности. На средбата беше оценето дека Србија недоволно ефикасно ги собира даноците во оваа област и затоа е многу поволно да се инвестираат пари во недвижнини, поради што сме познати како „нација која штеди во тули“, а често таквиот имот станува „мртов капитал“ затоа што не се користи за создавање нова вредност. Даночната политика е дизајнирана несразмерно во однос на богатството на оданоченото лице, така што данокот на имот се плаќа на правото на сопственост на недвижен имот, а не на економската сила на исплатувачот поради фактот што овој данок не дозволува трошоците за позајмување поврзани со стекнување на недвижен имот да се одбијат од основата.

И конечно, наплатата на данок од давање под закуп недвижен имот е особено неефикасна. Се проценува дека се изнајмуваат меѓу 150.000 и 200.000 станови и други објекти, но прибраните даночни приходи се мали, пред се затоа што кириите се плаќаат во готово, што е многу тешко да се открие од даночните власти.