Граѓаните мрзнат чекајќи автобуси, Арсовска порача да се протестира пред СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Граѓаните вечерва мрзнат чекајќи автобуси на јавниот превоз во Скопје, кои никој не знае кога ќе дојдат бидејќи информациите на светлечките табли се целосно погрешни


Граѓаните вечерва мрзнат чекајќи автобуси на јавниот превоз во Скопје, кои никој не знае кога ќе дојдат бидејќи информациите на светлечките табли се целосно погрешни. Истовремено, градоначалничката Данела Арсовска, по неуспешната средба со „Слободен превоз“, една од компаниите која учествува во јавниот превоз во метрополота, порача дека незадоволството превозниците треба да го искажат пред седиштата на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, бидејќи директорите кои тие ги поставувале го генерирале долгот.

Жртви на ваквите препукувања на релација градска власт – автобуски превозници се граѓаните, кои наместо бесплатен превоз како што беше едно од предизборните ветувања, или барем подобрување на квалитетот, добиваат се полоша услуга и помалку автобуси кои сообраќаат. Истовремено, воопшто не се почитува ниту возниот ред на автобусите.

Граѓани за Независен вечерва јавуват дека се изначекале на постојката кај Рекорд. Иако на таблата за информации стои дека автобусот ќе стигне за една или за две минути, тоа не се случува, туку се чека многу подолго, за потоа да дојдат два или три истовремено, велат тие.

„Сите коментираат дека се изначекале“, вели една сограѓанка. „24-ка пишува дека ќе дојде за една минута, а ја немаше од 10-15 минути. Потоа дојдоа две наеднаш. Јас чекам повеќе од половина час 5-ка, но ја нема никаде“, вели таа, додавајќи дека на таблите воопшто ги нема распоредите за 23-ка…

„Луѓето зјапаат во телефоните и во таблите за информација која ги лаже“, вели револтирано.

Истовремено додека ова се случува на улиците, градоначалничката Арсовска порача приватните превозници протестите да ги префрлат пред седиштата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Таа на прес-конференција попладнево рече дека од 1 јуни 2022 година до овој момент исплатени се вкупно 111 милиони денари, од вкупно фактурирани 120 милиони денари обврски кон „Слободен превоз“. Кон „Мак експрес“ има фактурирани 44 милиони денари и како што вели, сите се платени. 

„Ги повикувам претставниците на „Слобода превоз“ и на „Мак експрес“ овие протести коишто ги најавуваат да ги префрлат пред седиштата на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ чиишто директори го генерирале долгот којшто сега тие сакаат да го претставуваат како неуспех на градското раководство, а исто така и на новото раководство на ЈСП кое ги решава проблемите и сите оние долгови коишто се изгенерирани во изминатите години“, порача Арсовска.

Таа исто така обвини дека ваквите состојби се политизираат и дека приватните превозници не го почитуваат договорот, што е потпишан со ЈСП на две години и оти не е исполнета обврската за усогласување на автобусите со еколошки стандарди, фискализирање на наплатата на билетите, навремено пристугнување на автобуските станици и одржување на хигиената на соодветно ниво.

Имаше порака и до премиерот Димитар Ковачевски:

„Бидејќи премиерот Ковачевски го спомна и ЈСП, сакам да го потсетам дека ова претпријатие стана загубар токму во времето на владеењето на СДСМ и на Петре Шилегов како нивен градоначалник и го повикувам премиерот да ги употреби своите ингеренции, не да зборува за туѓи ингеренции и да ја повика финансовата полиција да го провери работењето на Шилегов и на претходниот директор на ЈСП за она кое што беше истакнато во јавноста дека веќе има пријава за проневера од околу 33 милиони денари од тој период“, рече Арсовска.